• e premte, 27 dhjetor 2024

Нетанјаху најави продолжување на нападите врз Хутите „додека не се заврши работата“

Нетанјаху најави продолжување на нападите врз Хутите „додека не се заврши работата“

Тел Авив, 26 декември 2024 (МИА) – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска соопшти дека Израел ќе продолжи да ги напаѓа Хутите во Јемен додека не се заврши работата.

Во меѓувреме, агенциите ги пренесоа извештаите на телевизијата на Хутите, Ал Масира дека во израелските напади загинале најмалку три лица, а повеќе од десет се ранети.

Две лица загинаа во нападите на меѓународниот аеродром Сана во главниот град на Јемен, а уште едно лице загина во пристаништето Рас Иса. Во тие напади беа ранети 11 лица.

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, исто така соопшти дека бил на аеродромот во Сана кога бил нападнат.

- Пред кратко време, воздухопловните сили ги нападнаа целите на терористичката организација Хути во Јемен, на брегот и во Сана, рече Нетанјаху во видео најава од командниот центар во штабот на израелската армија во Тел Авив.

- Решени сме да ја отсечеме таа терористичка рака на иранската оска на злото. Ќе истраеме додека не ја завршиме работата, додаде Нетанјаху, пренесуваат израелските медиуми.

Тој ги надгледуваше нападите заедно со министерот за одбрана Израел Кац, началникот на армијата Херц Халеви и командантот на воздухопловните сили Томер Бар.

Кац најави дека Израел ќе ги гони сите лидери на Хутите по, како што рече, „прецизните акции на израелските воздухопловни сили кои погодија стратешки цели во Јемен, на аеродромот и на пристаништето“. јт/

Фото: МИА архива

QËNDRONI TË LIDHUR