• e mërkurë, 29 janar 2025

Мицкоски: Омилена веледрогерија на минатата власт поради екстремно високи цени заработувала милиони во Онкологија, ќе реагира и Обвинителството

Мицкоски: Омилена веледрогерија на минатата власт поради екстремно високи цени заработувала милиони во Онкологија, ќе реагира и Обвинителството

Скопје, 27 јануари 2025 (МИА) - Проблемот со недостигот на лекови на Клиниката за онкологија е решен за рекордно време, нема да се повтори во иднина и по првпат нема да се земаат лекови на реверси, без контрола и со избор на преферирани веледрогерии, порача вечерва премиерот Христијан Мицкоски и вети дека повеќе нема да недостасуваат лекови за болните од рак.

Во интервју за „360 Степени“ на МТВ рече дека проблемот со Онкологија ќе се реши во текот на неделава, потенцирајќи дека завршува времето на злоупотреби на омилената веледрогерија на минатата власт која заработувала на лекови по екстремно високи цени на грбот на пациентите.

Прашан зошто не се подготвени како власт да преземат нешто, туку постојано се навраќаат во минатото, Мицкоски рече дека прво морале да го констатираат проблемот, а потоа да го решаваат.

-Најлесно ќе ни беше да продолжиме по принципот „како до сега“, односно една омилена веледрогерија на претходната Влада, да ја негуваме и третираме како тоа што го правеше претходната Влада, да добиваме лекови на реверс кои што три до четири пати повеќе ќе ги плаќаме, без соодветна тендерска процедура, па сето тоа потоа да се враќа. Или, пак, да спроведеме законска тендерска процедура во која што снабдувачите на ваков тип на лекови ќе ги обезбедат за пациентите и тоа го правиме. Веднаш по вчитувањето на буџетот и веднаш по распределбата во рамки на здравствените институциите сите овие процедури се запазени. Во текот на оваа недела сето тоа ќе биде решено и надминато и за првпат нема повеќе да има реверси, нема повеќе да има злоупотреби, посочи Мицкоски.

Претпоставувам, додаде, дека и во иднина ќе има такви договори затоа што таа веледрогерија соработува со светска компанија која е производител на дел од тие лекови коишто се аплицираат на пациентите. 

-Природно е во иднина истата веледрогерија, се додека соработува со таа светска компанија, кога ќе има јавни набавки да се јавува и да добива, но разликата е што сега повеќе нема реверси, рече Мицкоски.

Прашан што е подобро – да се земе на реверс или пациентите да се остават да умираат чекајќи терапија, Мицкоски рече дека не би се сложил со оваа логика зашто, како што истакна, сега дилемата е дали е подобро да направиме две кривични дела, отколку да не направиме ниту едно кривично дело. 

-Дали е подобро да направиме две кривични дела за да помогнеме некому или да не направиме кривично дело, а повторно со одложено дејство да помогнеме некому. Јас сум повеќе за ова второто, затоа што кривично дело си е кривично дело и затоа морав да дадам вовед и мораме да се навратиме во минатото затоа што ние се уште исправаме системски грешки кои се последица на едно лошо менаџирање и управување во минатото, појасни Мицкоски.

Нагласи дека во државата има закони кои што мора да се почитуваат и процедури кои што мора да бидат запазени и додаде дека секој осигуреник мора да добие правилна медицинска нега.

-Како опозиција често пати зборувавме за случајот во Онкологија и за сето она кое што таму се случувало, како лековите биле аплицирани, дали тие лекови биле воопшто третирани на начин на кој што треба да бидат третирани, дали сето тоа биле злоупотребувано. Имаше анкетна комисија во рамките на парламентот и пратеничката Рашела Мизрахи излезе со извештај, според некои информации кои што јас ги имам дел од тие наводи веќе ги третира Обвинителство. Да го почекаме резултатот од сето тоа кое што во минатото го зборувавме каков ќе биде, потенцира Мицкоски. вј/нд/

Фото: Влада

QËNDRONI TË LIDHUR