• e martë, 25 mars 2025

Мицкоски: Кочани ќе биде наш главен приоритет во периодот којшто следи

Мицкоски: Кочани ќе биде наш главен приоритет во периодот којшто следи

Скопје, 25 март 2025 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека покрај покривање на здравствените трошоци на пациентите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Владата ќе одвои два до три пати повеќе средства за Кочани во делот на инвестиција во инфраструктурните проекти, како и дека веќе преговара со две компании за кои биле утврдени местата на инвестиции, да се пренасочат во индустриската зона во Кочани.

– Кочани ќе биде наш главен приоритет во периодот којшто следи, како што беше и во минатото исто така. Ќе бидат средствата зголемени во периодот што следи, во делот на инвестиции во Кочани, но ќе биде и приоритет во делот на обезбедување инвеститори и креирање на нови добро платени работни места во иднина. Веќе со две такви компании разговараме, преговараме, иако беа веќе утврдени местата на инвестиции, сега тие ќе се пренасочат во Кочани, во зоната таму. Но, исто така и ние како Влада преку овој проект за којшто денеска зборуваме ќе одвоиме два до три пати повеќе средства за Кочани, во делот на инвестиција на инфраструктурните проекти, рече Мицкоски.

Во врска со повредените од пожарот, Мицкоски рече дека поминати се двата критични периоди, односно првите 72 часа и 7 дена. Истакна дека повеќе од 50 до 80 отсто и покрај тешката состојба во моментов се стабилни, но, рече, има пет или шест случаи кои што се критични.

– Продолжуваме да се грижиме за сите оние повредени лица. Можам да кажам дека поминаа оние два критични, можеби најкритични меѓника, тоа е 72 часа и 7 дена. Од тие речиси 200 повредени коишто најголемиот дел имаат изгореници и повеќе од 50 до 80 отсто и покрај тешката состојба, сите се во моментот стабилни, иако имаме пет или шест случаи коишто се критични, но се бориме и ќе продолжиме да се бориме, рече Мицкоски.

Додаде дека ова беше прецизна и точна реакција, благодарение на медицинските тимови кои што ја дале потребната прва помош во Кочани и Штип, но и во Скопје. Упати благодарност и до сите институции кои што помогнале во несреќата.

– Тој ден навистина сè функционираше, но и деновите потоа, беспрекорно. И ние сите должиме една огромна благодарност. Сите оние лица, а тоа се повеќе од стотина, се веќе надвор, згрижени, со двајца членови на нивните семејства. Како Влада, ние го обезбедивме и превозот и сместувањето таму и ќе продолжиме да се грижиме. Од информациите со кои располагам, од Министерството за здравство, дел од пациентите ќе почнат да се враќаат, дел коишто се хоспитализирани кај нас се отпишуваат, односно откако е пружена негата, одат во домашно лекување, рече Мицкоски. ра/ев/

Фото: МИА

 

QËNDRONI TË LIDHUR