Мицкоски изврши увид на градежните активности во изградбата на пречистителната станица во Кучевишка Бара, проект со вкупна вредност од 129 милиони денари
- Премиерот Христијан Мицкоски изврши увид на градежните активности во изградбата на пречистителната станица во Кучевишка Бара, проект со вкупна вредност од 129 милиони денари што ќе опслужува околу три илјади жители во населените места Кучевишка Бара во Општина Чучер Сандево и Бел Камен во Општина Бутел.
Скопје, 10 март 2026 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски изврши увид на градежните активности во изградбата на пречистителната станица во Кучевишка Бара, проект со вкупна вредност од 129 милиони денари што ќе опслужува околу три илјади жители во населените места Кучевишка Бара во Општина Чучер Сандево и Бел Камен во Општина Бутел.
Мицкоски, во изјава за медиумите, порача дека како се запролетува, така се засилуваат и градежните активности и реализацијата на проектите, нагласувајќи дека имаме „исклучително високо нивото на реализација на капиталните инвестиции“.
-Околу десетина милијарди денари се реализирани во првите два месеца и во првите пет дена од март, што претставува отприлика околу 25 проценти од вкупниот број на капитални инвестиции, коишто се предвидени за 2026 година – изјави Мицкоски.

Мицкоски, нагласи дека како ќе се засилува динамиката, така таа бројка ќе се зголемува.
-Очекувам така да се зголемува и бруто домашниот производ и конечно граѓаните да го почувствуваат сето она коешто го работевме во насока на стабилизација на државата, после, би рекол, една криминална влада, влада предводена од СДСМ и ДУИ, влада која што буквално ги уништи институциите, ги ограби граѓаните, ја понижи државата и после една таква, би рекол, катаклизмична состојба, како Влада дадовме сè од себе за да застанеме на нозе, да дојдеме до една, би рекол, неутрална состојба во моментов, и да продолжиме да го испорачуваме тоа што граѓаните од нас го очекуваат – порача Мицкоски.
Градоначалникот на Општина Чучер-Сандево Зоран Бајовски, информираше дека пречистителната станица, која ќе ги опслужува населените места Кучевишка Бара, во Општина Чучер Сандево и Бел Камен во Општина Бутел е со вкупна вредност од 129 милиони денари.

-Пречистителната станица ќе собира отпадни води од фекална канализација во првиот момент за околу три илјади жители, колку што живеат во моментов во овие населени места, но оставаме простор во втора фаза да може да се доработи и прошири проектот за пет илјади жители – изјави Бајовски.
Проектот е во целост финансиран од Владата на РСМ, преку Министерството за животна средина и просторно планирање, а дел од средствата се обезбедени преку унгарскиот кредит за општините, а останатиот дел е преку друга програма на МЖСП.
Бајовски најави дека очекува во брзо време да профункционира пречистителната страница и дека брзо ќе биде завршена и примарната и секундарната мрежа.
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашковска, потенцира дека главна цел и еден од најголемите приоритети на Владата е помош на општините, затоа што, вакви големи и скапи проекти општините сами не би можеле да ги реализираат.

-Наша цел и како Влада и како МЖСП е да вложуваме во здрава и чиста животна средина и нормално и чиста вода. Водата е еден од најважните ресурси – изјави Лашковска.
Проектот за изградба на пречистителната станица во Кучевишка Бара е започнат во октомври 2025 година. аа/дма/
Фото: МИА