• e mërkurë, 13 nëntor 2024
МИА Радио флеш

12 ноември 2024

Скопје - Севкупните билатерални односи, македонските евроинтеграции, како и потребата од заеднички регионален пристап во надминување на глобалните предизвици, биле тема на разговорот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со нејзиниот словачки колега Петер Пелегрини на маргините на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку.

Како што соопшти  Кабинетот на Сиљановска Давкова, словачкиот претседател на средбата оценил дека македонската евроинтеграција е заложник на билатерализацијата на проширувањето на ЕУ, при што нагласил дека Словачка е силен поддржувач на проширувањето на Европската Унија и Братислава ја критикувала блокадата на македонската евроинтеграција на многу состаноци на Советот на ЕУ.

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку оствари средба со премиерот на Кралството Белгија, Александер Де Кро.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на Сиљановска Давкова, биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, а во фокусот на разговорите биле македонските аспирации за членство во Европската Унија.

Скопје - Граѓаните да бидат многу внимателни, да проверуваат по неколку пати на е-платформите дали е вистински производот што се продава и да се консултираат со луѓе на кои им веруваат, лекари, фармацевти,..., за да бидат сигури дека тоа што го купуваат е сигурно за употреба, апелира денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Одговорајќи на новинарски прашања во врска со честите измами на интернет, Андоновски напомена дека е многу важно во вакви случаи граѓаните веднаш да пријават за институциите брзо да интервенираат.

Скопје - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, ќе се обрати на панел-дискусијата „Патот кон нула-енергетски згради во поширокиот Балкански регион“, која се одржува во рамки на климатскиот самит COP29 во Баку, Азербејџан.

Овој значаен настан, како што соопшти Министерството, има за цел да ги истражи можностите за зголемување на енергетската ефикасност во градежниот сектор и да ја истакне неговата улога во одржливиот економски развој и енергетската безбедност во регионот.

Брисел - Европска Унија мора да ја поддржи Украина „колку што е потребно“ во нејзината борба да ја одбие руската инвазија, изјави денеска именуваната Висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.

- Ситуацијата на бојното поле е тешка. И затоа мора да продолжиме да работиме секој ден. Денес, утре и онолку долго колку што е потребно и со толкава воена, финансиска и хуманитарна помош колку што е потребно, истакна Калас пред пратениците.

Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, наводно, ја назначил гувернерката на Јужна Дакота, Кристи Ноем за нов секретар за внатрешна безбедност, јавува денеска Си-Ен-Ен, повикувајќи се на неименувани извори.

Ноем, за која претходно се сметаше дека би можела да биде потпретседателка на Трамп, моментално го отслужува својот втор четиригодишен мандат како гувернер на Јужна Дакота по убедливата победа на изборите во 2022 година.

Пекинг - Кина се обидува да ги намали даноците за купување дом, со цел да се зајакне фискалната поддршка за секторот за недвижности.

Регулаторите подготвуваат предлог, со кој се предвидува во големите градови како Шангај и Пекинг да се намали данокот за купувачите до еден процент од сегашното ниво од три отсто.

Бaку - Азербејџан ќе направи се за да најде заедничко разбирање меѓу земјите во развој и развиените земји, меѓу глобалниот југ и глобалниот север, изјави денеска претседателот на Азербејџан Илхам Алиев на отворањето на Самитот на светските лидери КOП29 за климатските промени во Баку.

Алиев рече дека мегапроектите што ги започна Азербејџан ги променија енергетските и транспортните рути во Евроазија.

Вaшингтон - Директорот на ФБИ, Кристофер Реј и тимот на новоизбраниот претседател Доналд Трамп се подготвуваат за можноста некој од Републиканската партија да го замени Вреј во новата администрација, изјавија три неименувани извори за Ен-Би-Си Њуз.

Според два други извора, постои можност работата на Реј да ја преземе Кеш Пател, кој исто така е опција за шеф на ЦИА.

Брисел - Кандидатката за висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, денеска на сослушувањето пред пратениците во Европскиот парламент изјави дека се потребни јасни резултати во следните пет години кога станува збор за проширувањето на ЕУ и таа рече дека тесно ќе соработува со комесарот за проширување за да се постигне таа цел.

Во своето воведно обраќање, за време на сослушувањето пред Комисијата за надворешни работи на ЕП, Калас рече дека проблемите на соседите на ЕУ денес се проблеми на ЕУ утре.

Лондон - Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Велика Британија сака добри односи со сите свои сојузници и дека не мора да избира помеѓу пријателство со ЕУ или САД.

„Можеме да бидеме пријатели и со Трамп и со ЕУ“, рече Стармер пред неговото патување во Азербејџан, каде што се одржува годишниот самит за климатски промени КОП29“, пренесе Политико.

Киев - Мајка и нејзините три деца загинаа во руски ракетен напад врз Криви Рих доцна синоќа, објави денеска гувернерот на тој град во централна Украина, Олександар Вилкул, а украинските медиуми објави јазбирни податоци за жртвите на децата од почеток на руската агресија против Украина.

Телата на четири жртви биле извлечени од урнатините од спасувачки тим откако балистичка ракета погодила петкатница во тој град, јавува Радио Слободна Европа.

Баку - Уништувањето на природната средина достигна екстремно високи вредности оваа година, часовникот отчукува, а најголемите загадувачи треба да го сносат најголемиот дел од финансискиот товар за решавање на проблемот, а договорот е императив, изјави денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на Самитот за климатски промени КОП29 во Баку.

Тој предупреди дека ниту една земја не е поштедена од урагани, жештини, поплави, суши и други климатски катастрофи предизвикани од човечкиот фактор.

Тел Авив - Израел не го исполни барањето на САД да дозволи поголем пристап до хуманитарна помош за Појасот Газа, соопштија денеска меѓународните хуманитарни организации, наведувајќи дека моментално условите се полоши од кога било од почетокот на израелските напади пред 13 месеци.

Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден минатиот месец му даде на Израел рок од 30 дена да и обезбеди на Газа повеќе храна и друга итна помош, заканувајќи му се на Тел Авив дека американската воена помош во спротивно може да биде прекината. Рокот истече денеска.

Брисел - Каква и да се сегашните тешкотии, наша одговорност е да работиме за подобра иднина, бидејќи проблемите на нашите соседи денес, ќе бидат наши проблеми утре, порача кандидатката за висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и за потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас на денешното сослушување пред членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент. 

- За повеќето наши соседи, Европската Унија има силна моќ на привлекување - од Западниот Балкан, до Украина. Како што рече една гласачка додека го напушташе гласачкото место минатиот месец во Молдавија, Европа нуди живот со можности. Проширувањето е геостратешка инвестиција во сопствен интерес на Европската Унија. Тоа ја прави нашата Унија посилна, ги прави новите членки на европското семејство постабилни и побезбедни и на сите ни овозможува просперитет. Во следните пет години, потребни ни се јасни резултати на тоа поле, рече Калас, најавувајќи дека за постигнување на оваа цел ќе соработува со еврокомесарката за проширување Марта Кос. 

 

QËNDRONI TË LIDHUR