МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
6 ноември 2024
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски очекува уште поголемо зајакнување на, како што посочи исклучително добрите односи меѓу македонските граѓани и граѓаните на САД, по победата на Доналд Трамп на претседателските избори. Тој денеска одговарајќи на новинарско прашање во врска со очекувањата по победата на Трамп на изборите во САД, истакна дека двете земји имаат економски приоритети кои понатаму ќе се развиваат.
-Честитам на граѓаните на САД за демократскиот изборен ден или изборен процес, избраа напредок, избраа нешто коешто тие одлучија дека ќе им биде приоритет, го избраа претседателот Трамп да биде повторно нивен претседател. Јас тоа го честитав и не само на него, туку и на луѓето коишто се дел од неговиот, дел од неговиот тим, изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека со членовите на неговиот тим размениле неколку пораки изутрината и потсети дека во земјава на неодамна беше Хауард Лутник, кој на прес-конференцијата стоел до семејството на Трамп.
-Господинот Лутник е практично претседател на транзицискиот тим, во којшто се пет членови, меѓу кои е и Дон Џуниор, односно синот на претседателот Трамп, таму е потретседателот, сега веќе Џејди Венс, таму е самиот претседател, новиот претседател на САД, господинот Трамп, таму е госпоѓата Мекмахон и претседател на тој тим е Хауард Лутник. Тој беше тука разговаравме за нови проекти, остана подолго време комуницираме, денеска разменивме по некоја порака. Исто така господинот Рик Гренел, којшто исто така очекувам да биде од тимот на претседателот Трамп. Таму беше Девин Нунез, поранешен конгресмен, тој исто така беше дел од таа делегација која што беше присутна тука. Моментално ги води компаниите на господинот Трамп, ќе го видите денеска и него на бината исто така. Тука беше човекот од македонско потекло, господинот Крис Павловски, сопственик на „Рамбл“, исто така искомунициравме од позадината на самиот настан Така да има комуникација. Очекувам уште поголемо зајакнување на и онака исклучително добрите односи помеѓу македонските граѓани и граѓаните на САД. Имаме одредени економски приоритети, рече Мицкоски.
Скопје - До 20 ноември завршува тендерирањето за гасниот интерконектор со Грција. Очекувам до Нова година да се потпише договор и тој интерконектор да се заврши и веќе да работиме на северниот интерконектор со Србија, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговорајќи на новинарски прашања по средбата во МАСИТ, Мицкоски истакна дека може да се очекува офанзива и во однос на патната инфраструктура. До крајот на годината, најави, ќе биде готов експресниот пат што ги поврзува Чатал и Страцин, Крива Паланка, кој е дел од Коридорот 8 и почнува проектирањето за делницата Куманово - Чатал.
Премиерот смета дека до крајот на годината ќе биде завршена и првата секција од пругата Куманово - Бељаковце од Корисоеорт 8. Кај Бељаковце - Крива Паланка, истакна, ќе има доцнење и ќе треба да се види што ќе се прави со изведувачите, но добро е што конечно има желба кај источниот сосед да се заврши заедничкиот тунел, поврзувањето со националната пруга на Бугарија, со што, дополни, ќе стенеме и патен, транспротен и железнички коридор.
Се работи, напомена, на сите страни, а почна и реализацијата на проектите преку општините каде има преку 2,1 - 2,2 милијарди денари за патна инфраструктура - булевари, улици и друго.
Скопје- Домашните компании ќе ги добијат парите од унгарскиоит заем под истите услови под кои беа земени, рече денеска премиерот Христијан Мицксоки.
Тој уште еднаш кажа дека парите се стигнати, но уште се преговара со комерцијалните банки околу тоа каква би била обрвската на државата кон нив.
-Парите од унгарскиот заем се веќе стигнати, тука се, на сметката на Народната банка. Се уште се преговара со комерцијалните банки околу делот на тоа каква би била обрвската на државата кон нив. Очекувам сите заедно да направиме нешто за државата и економијата, подвлече премиерот, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со претставниците на МАСИТ.
Од унгарскиот кредит за бизнисот се планирани 250 милиони евра.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски попладнево одговори потврдно на прашањето дали ќе има повисоки плати во образованието.
- Да, од овој месец треба платата во основното и во средното образование да биде повисока за пет проценти. Мислам сега на таа во ноември за октомври што е исплатена, појасни премиерот, по посетата на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии - МАСИТ.
Тој додаде дека во април 2025 година, практично со мартовската плата, ќе има зголемување за дополнителни седум проценти. Во април 2026 година, од 7 ипол до 10 проценти, како што посочи премиерот, во зависност од кондицијата на буџетот.
- Април за март 2027 година, повторно 7 ипол до 10 отсто и веќе април 2028 за март 2028 година - од 10 до 12 ипол проценти. Така што, минимум во овој дијапазон временски, платата ќе биде на просечна во образованието зголемена за 46 проценти, а максимум до 60 отсто, што мислиме дека навистина ќе дојдеме до едно пристојно ниво, истакна премиерот.
Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска изјави дека нема договорено средба со бугарскиот претседател Румен Радев на маргините на Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, што се одржува утре.
-Не, но подготвен сум да разговарам со секого, секаде врз основа на вистински договор што ќе не однесе до целта, е на да го направиме само првиот чекор, рече Мицкоски денеска кој беше на средба со претставници на Масит.
Премиерот, одговарајќи на новинарско прашање за Кривичниот законик и забелешките на ЕК, рече дека тој ќе биде опфатен со реформите во правосудниот систем, но вели дека тоа не го решава проблемот со „криминалците“ од изминатите седум години. Тие, вели Мицкоски, не успеале за се да се амнестираат, најавувајќи дека деновиве јавноста ќе слушне.
За жал, додаде премиерот, политичките криминалци во изминативе години кои седум дена ги заробија институциите, а во меѓувреме купуваа трговски центри и дуќани во центарот на главниот град, ја распродаваа државата и правеа грешки.
Скопје – Судскиот совет на денешната 504-та седница ги избра Јетмир Хамзаи и Абдула Азари за судии на Апелационен суд Гостивар за граѓанска област и Сузана Милевска, Анита Јовановска и Љупчо Спировски за судии на Апелационен суд Штип за граѓанска област.
Членот на Судскиот совет, Ханиф Зендели информираше дека сите петмина кандидати на кандидатската листа за избор на судии во Апелациониот суд Гостивар ги исполнуваат условите согласно закон. Прв на кандидатската листа со 72,6 бодови е судијата Јетмир Хамзаи од ОС Гостивар, втор е судијата Абдула Азари од ОС Тетово со 70,5 бодови, трет е судијата Илир Исени од ОС Дебар со 70,49 поени, четврторангирана е Александра Палашевска со 64,2 бодови, пета е Јехона Садику со 58,9 бодови.
Потребното мнозинство гласови од Судскиот совет го добија судиите Јетмир Хамзаи и Абдула Азари – и двајцата со 13 гласа „за“ и пет гласа од припадниците на заедниците.
Скопје - Судскиот совет на денешната 504-та седница за претседател на Вишиот управен суд ја избра судијката Лидија Георгиевска. За претседател на Основен суд Велес советот ја избра судијката Валентина Георгиевска, додека за претседател на Основен суд Струга е избран судијата Вулнет Винца.
Претседателот на Комисијата за избор на претседател на Виш управен суд, Антоанета Димовска, рече дека имало две кандидатури кои биле целосни и навремени.
- Судиите од Вишиот управен суд не се оценуваат и предлог листата е сочинета по азбучен ред. Прва е Лидија Георгиевска, потоа Виолета Илиевска. Ги имате сите материјали и пријавите. Бидејќи се работи за избор на претседател имате предлог програма со акциски план, појасни Димовска.
Судскиот совет со 13 гласа „за“ и пет гласа од припадниците на заедниците едногласно донесе одлука за претседател на Виш управен суд да биде избрана Лидија Георгиевска.
Скопје - Убедливата победа на Доналд Трамп на претседателските избори во Соединетите Американски Држави потврдија дека потфрлија анкетите на јавното мислење, кои покажуваа изедначени изгледи за победа со неговиот противкандидат демократката Камала Харис. Во однос на нашиот евроинтегративен пат, не се исклучува можноста од посредување од страна на Стејт департментот од деблокада на процесот, велат во изјави за МИА поранешниот амбасадор во САД Васко Наумовски и аналитичарот Марко Трошановски.
Прашан за коментар на исходот од изборите и какви промени очекува во американската надворешна политика и особено за регионов, Наумовски потенцира дека истражувањата на јавно мислење повторно потфрлија, за разлика од анкетите коишто покажуваа изедначени рејтинзи на Доналд Трамп и Камала Харис и дека Трамп ги доби гласовите во т.н. колебливи држави.
-Претседателот Трамп успеа да го подобри својот резултат и да освои многу поголем број на гласови во сојузните држави коишто ја носат победата. Главниот фокус на новата американска администрација се очекува да биде во економијата што беше една од причините за овој пресврт во американската политика и истовремено да се направат определени промени во надворешната политика со што ќе се врати она лидерство на САД на глобалната сцена. Пред се, тоа се однесува на улогата која што може да ја преземе САД во завршувањето на војната помеѓу Русија и Украина, и со тоа да се придонесе за стабилизација на Европскиот континент, и во економска и во политичка и во безбедносна смисла, што неминовно ќе има последици и врз регионот на Балканот, вели амбасадорот Наумовски, кој е професор на Правниот факултет во Скопје.
Скопје - Реформите на јавната администрација се од највисок приоритет на Владата во рамките на агендата која што ја имаме усвоено заедно со ЕУ и ќе се носат со учество и на граѓанскиот сектор, со цел зајакнување на борбата против корупцијата, вели заменик-премиерот за добро владеење Арбен Фетаи.
-За нас, како што знаете, реформите на јавната администрација се од највисок приоритет како Влада, но исто така се и највисок приоритет во рамките на агендата која што ја имаме усвоено заедно со ЕУ. За жал, морам да кажам дека имаме наследено една многу тешка ситуација во однос на јавната администрација на преоптеретена исполитизирана и неефикасна администрација. Ние, како нова Влада, сме за системски реформи и за измена, и за донесување неколку закони во насока на реформата на јавната администрација, како што е Законот за вработени во јавната администрација и за административни работници. Тоа што би сакал да кажам дека законите не ни недостасувале и во минатото, меѓутоа тоа што недостигало било подготвеноста истите да се спроведуваат. Затоа ние заеднички со сите политички чинители, со граѓанското општество, со меѓународниот фактор ќе се обидеме да направиме навистина продлабочени реформи во јавната администрација, вели вицепремиерот Фетаи кој денеска присуствуваше на Регионалната платформа за реформа на јавната администрација Вебер, организирана од Институтот за европски политики - ЕПИ, од Скопје.
Тој потенцира дека со овие реформи на јавната администрација, ќе се зајакне и борбата против корупцијата на пониско ниво која што била постојана појава во изминатиот период, а исто така ќе се зајакнат и услугите коишто се нудат на граѓаните преку општа дигитализација на услугите и на јавната администрација.
Скопје - Работната група за подготовка на закон за правична застапеност досега одржала три состаноци, новото законско решение кое ќе биде изготвено потоа ќе биде доставено во собраниска процедура, изјави заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи.
-Како што знаете веќе има консултации во рамките на Владата, иако имаше некои контрадикторни пораки, сепак основана е работна група која што ќе работи на ново законско решение за еднаква и правична застапеност, со цел после 22 години тоа што е постигнато како договор дефитинивно да се спроведе и да се постигне таа правична застапеност во јавната администрација. Јас како претставник на ВЛЕН, веќе учествував на три состаноци во оваа насока, за да се координираме околу новото законско решение кое потоа ќе биде доставено во собраниска процедура, ќе има јавна дебата за тоа, и навистина се надеваме дека ќе се најде најсоодветно решение, изјави Фетаи кој денеска учествуваше на Регионалната платформа за реформа на јавната администрација Вебер, организирана од Институтот за европски политики - ЕПИ, од Скопје.
Според него, едно е прашањето на балансерот, друго е прашањето на застапеност 20 отсто во Уставот.
Скопје - Зелената агенда за Западен Балкан е важна како пресвртница за регионот, но и поединечно за земјите, поради можноста што ја нуди за голема координирана трансформација на регионот, истакна денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, на отворањето на конференцијата на Македонското здружение за енергија од обновливи извори, МАРЕС.
- Со ваквата трансформација, ефикасноста на ресурсите, заштитата на природата и климатската акција ќе се постават во центарот на сите економски активности и предизвиците ќе се претворат во можности, рече Меџити, додавајќи дека кластерот 4 се однесува на Зелената агенда и одржливата мобилност, и како таков, овозможува директнен увид во поврзаноста помеѓу секторите, особено секторот енергетика, транспорт и животната средина, каде е опфатено законодавството од секторите врз кои секторот енергетика има директно влијание - квалитетот на воздухот и биодиверзитетот, водните ресурси.
Меџити информираше дека во однос на придонесот по мерки, најголемо учество во бројот на нови домашни зелени работни места имаат доградба на постоечки станбени згради со 42%, изградба на пасивни куќи 21%, обновливи извори на енергија без стимулации 6% и соларни термални колектори 8%.
Скопје - Со новиот Закон за енергетика, на регулаторот му се доделуваат сериозни ингеренции во процесот на пазарното поврзување со соседните земји со цел зголемена конкурентност, пониски цени, поголеми инвестиции, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад, Марко Бислимоски.
Тој зборуваше на панелот „Обновливи извори: Стратешки преглед на имплементацијата на обновливи извори на енергија” кој е дел од конференцијата организирана од Македонското здружение за обновливи извори на енергија (МАРЕС),
- Ние сме инволвирани во пазарното поврзување помеѓу Грција, Македонија, Албанија и Косово, преку проект на УСАИД. Главната цел е да станеме интегриран дел од паневропскиот пазар. Со новиот Закон за енергетика се оди кон либерализација на пазарите што поттикнува инвестиции. Со овој процес за пазарна интеграција нашите компании ќе имаат можност да учествуваат на пазарите во соседните земји, посочи Бислимоски.
Скопје - Воспоставување на електронска размена на податоци за увоз и извоз помеѓу двете држави пред пристигнување на стоката, билатерално меѓусебно признавање на статусот на Овластен економски оператор, подобрена комуникација и размена на податоци во реално време, како и воспоставување контакт лица со цел побрза реакција на службите.
Ова се заклучоците од средбата на директорот Бобан Николовски со директорката на Царинската управа на Црна Гора Маја Вучиниќ, остварена на маргините на тридневната Конференција на високо ниво за соработка меѓу полицијата и царината за мало и лесно оружје и криумчарење мигранти во Југоисточна Европа во организација на ОБСЕ.
Скопје - Под покровителство на Министерството за внатрешни работи денеска Црвениот крст одржа конференција посветена на зацврстување на позициите на организацијата за поефикасно спроведување на хуманитарните операции и ја презентираше платформата за соработка со државните институции во време на кризен менаџмент.
Како што истакна генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити, на Црвениот крст му претстојат активности во насока на реорганизација и реформирање на системот и затоа изготвена е платформа во која прецизно се дефинирани областите на делување, за кои рече дека државата може да смета. Саити посочи дека во платформата е дефинирано преземање на поголеми одговорности и улоги од страна на Црвениот крст, со цел, како што рече, да ја направиме државата подобро место за живеење.
– Неодамна започнавме процес на промени, кој има за цел да ја подобри нашата работа за да одговориме на динамиката во надворешното опкружување, со посебен акцент на дигитализацијата и вештачката интелигенција како катализатори на развојот. Притоа, амбициите ги дефиниравме во правец на преземање поголеми одговорности и улоги со цел заедно да ја направиме државата подобро место за живеење. Се работи за платформа, која како документ беше изготвена изминатиов период, во која точно и прецизно се дефинирани, во кои делови и области сакаме во наредниот период да бидеме дел од нештата кои се случуваат во нашата држава, поготово до делот на кризниот менаџмент. Со оглед на тоа дека претстојуваат одредени активности во смисла на реорганизација и реформирање на системот, сметавме дека е вистинско време преку јасно дефинирана понуда да излеземе пред институциите и да кажеме на што може да смета државата од страна на Црвениот крст, истакна Саити.
Скопје – Срамни се постапките на началникот на ОВР – Кочани кој ја злоупотребувал службената легитимација за бесплатно да преминува патарини, оцени денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Во одговор на новинарско прашање, Тошковски истакна дека периодов ќе следат уште кривични пријави за злоупотреби во рамки на институциите. Не ценам, рече тој, дека „правиме удри по самарот, ако не можеш по магарето, туку дека на ваков начин мораме да покажеме пример дека секој од нас мора да ги почитува законите“.
– Постапките на злоупотреба на службена положба и овластување на ваков начин се срамни. Ако може еден столар да плаќа патарина, ако може жена која што работи во било која приватна установа да плаќа патарина, ако може кој и да било македонски граѓанин да плаќа патарина, тогаш мора да плаќа патарина секој еден вработен во Министерството за внатрешни работи. Не ценам дека ние правиме „удри по самарот, ако не можеш по магарето“, туку на ваков начин мораме да покажеме пример дека секој од нас мора да почитува ги почитува законите и она за што сме се договориле, а тоа е дека ќе плаќаме патарина, рече Тошковски.
Скопје – Светот се уште се соочува со одредени кризни ситуации, но гледаме работите да се подобруваат и да тргнат во попозитивна насока. Ние тука сме навикнати да функционираме во вакви ситуации и понатаму се соочуваме со различни макроекономски предизвици, а економскиот амбиент е под влијание на домашни и надворешни фактори. Последните очекувања за следниот период покажуваат тенденции на надолна ревизија на инфлациските очекувања, што укажува на подобрување на економските услови, а аналитичарите предвидуваат умерен раст на БДП, истакна Нина Неданоска, заменик претседателката на Управен одбор на Шпаркасе банка АД Скопје, на деловниот настан „Ерсте инвеститорски појадок“ што се одржува во Скопје по 11. пат.
Сепак, како што рече, постои свест за ризици кои можат да произлезат од глобалните економски услови, конфликти и климатски промени кои може да влијаат на економската активност.
-Планираното зголемување на странските и домашните инвестиции, особено во индустријата и инфраструктурата, би можело да ја поттикне економската активност, а секако постепеното забавување на инфлацијата и зголемената инвестициска активност се идентификувани како фактори кои може позитивно да влијаат на домашната економија, оцени Неданоска.
Скопје - Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ и министер за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска оствари средба со секретарот за меѓународна соработка на ЕПП, Патрик Волерс.
ЕПП е движечка сила во ЕУ и од нашето семејство доаѓаат голем број на партии кои се власт во ЕУ и Европа во целост.
На средбата е разговарано за приоритетите на новата влада наметнати од моменталната финансиска и економска состојба на државата.
Од страна на потпретседателката е акцентирано дека државата закрепнува и се работи за економска трансформација.
Воедно договорено е дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со интензивна комуникација со ЕПП во насока на градење на капацитети и општ развој.
Скопје- Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ги поздрави членовите на комисиите за оценување на пријавите пристигнати на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата и на нацрт-годишните програми за работа на националните установи од областа на културата. Им посака успешна работа во креирањето на националната програма за култура за 2025 година.
Како што информира Министерството за култура и туризам, на Годишните конкурси, кои завршија вчера, пристигнаа околу 2 илјади и 900 пријави кои ќе бидат оценувани од комисиите што годинава се формирани во согласност со препораките од Државниот завод за ревизија.
Во таа насока, Министерството за култура и туризам првпат изготви Упатство за критериумите за именување на членовите на комисиите во кое е јасно утврдено дека за членови на комисиите може да бидат именувани лица кои имаат најмалку 10 години професионално искуство, потоа лица кои имаат реализирано, организирано или продуцирано најмалку пет проекти од соодветната дејност во која ќе вршат евалуација на проектите, лица кои имаат стекнато стручно звање во согласност со прописите за заштита на културното наследство итн., се вели во соопштението.
Скопје - Почина Славка Арсова - поетеса и авторка за деца, родена на 3 јули 1934 година во Скопје, информираат попладнево од Друштвото на писателите на Македонија.
Арсова, која починала во текот на вчерашниот ден, била членка на Друштвото од 1993 година.
- Арсова е авторка на петнаесетина збирки поезија, но, попозната е по своето творештво за деца - „Бисерчиња од детски глави“, Академски печат, 2017 година и како основачка и организаторка на детскиот книжевен фестивал „Ракатки“, додаваат од Друштвото.
Нејзиниот погреб ќе се одржи в сабота на градските гробишта во Бутел во 12 часот.
Вашингтон - Републиканците ќе го освојат мнозинството во Сенатот на САД, проектира Си-Ен-Ен, со што ќе се промени балансот на моќта во Вашингтон и ќе се постави основа за зајакнување на претседателството на Доналд Трамп.
Иако неколку трки сè уште не се официјално завршени, републиканците сега имаат 52 места во Сенатот и ќе ја преземат контролата под водство на уште неименуван републикански лидер, кој ќе биде познат кога новиот Конгрес ќе заседава во јануари.
Оваа промена во Сенатот беше првиот голем успех на ноќта за републиканците, додека судбината на Претставничкиот дом, каде што републиканците се обидуваат да го зачуваат тенкото мнозинство, сè уште е неизвесна.
Новото мнозинство на републиканците во Сенатот ќе има можност да ја поддржи агендата на Трамп и да продолжи со значајната реформа на судскиот систем, со назначување на уште многу конзервативни судии.
Вашингтон - Американските граѓани сè уште го очекуваат обраќањето на претседателската кандидатка на Демократите Камала Харис по поразот на изборите, додека од нејзиниот тим се осврнуваат на ноќта на изборите.
Според Си-Ен-Ен, блиски извори до кампањата на Харис истакнале дека е потребно време и простор за да се процесуира поразот.
- Ве молиме да ѝ дадете на кампањата на Камала Харис време да ги дефинира своите сили и слабости - се наведува во изјавата.
Освен претседателската трка, Демократската партија го загуби и мнозинството во Сенатот, а сè е поверојатно дека ќе го изгуби и во Претставничкиот дом.
Њу Делхи – Премиерот на Индија, Нарендра Моди изјави дека очекува поцврсти односи помеѓу Вашингтон и Њу Делхи и упати „најсрдечни честитки“ до Доналд Трамп за неговиот избор за претседател на САД.
Најсрдечни честитки мој пријателе за твојата историска изборна победа, напиша Моди на социјалната мрежа Икс непосредно пред да биде потврдена победата на Трамп.
Тој истакна дека со нетрпение очекува да се обнови и зајакне глобалното и стратешкото партнерство помеѓу Индија и САД.
Да работиме заедно за доброто на нашите народи и да промовираме глобален мир, стабилност и просперитет, наведе Моди.
Минхен - Според Ифо Институтот, за економски истражувања, економската политика на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе предизвика големи проблеми за Германија и Европската Унија.
Трамп спроведува изразено протекционистичка агенда со повисоки увозни тарифи и поголеми ограничувања на меѓународната трговија, особено кон Кина и потенцијално кон Европа, изјави претседателот на Ифо, Клеменс Фуест, препорачувајќи преземање соодветни мерки.
Германските извозници, за кои САД претставуваат најголем пазар надвор од ЕУ, можат да очекуваат значителни загуби доколку Трамп ја исполни заканата да воведе основни тарифи од 20 проценти на увозот во САД од сите трговски партнери и 60 проценти на увозот од Кина. Овие мерки на реизбраниот американски претседател би предизвикале значителна економска штета од околу 33 милијарди евра само за Германија.
Ифо Институтот, еден од најголемите германски економски тинк-тенк групи, проценува дека германскиот извоз во САД би можел да се намали за околу 15 проценти. Дополнително, извозот во Кина би се намалил за 10 проценти, бидејќи извозот на Кина во САД би претрпел масивен пад.
Мораме да бидеме подготвени дека САД ќе се оддалечи уште повеќе од отворената, глобална соработка, предупредува Лисандра Флах, директор на Центарот за меѓународна економија при Ифо Институтот.
Вашингтон – Демократската конгресменка Рашида Тлаиб го победи својот републикански противкандидат на изборите за 12-тиот конгресен округ во Мичиген, обезбедувајќи четврти мандат како единствена палестинско-американска жена во американскиот Конгрес.
Тлаиб е прогласена за победник по преброени 18 отсто од гласовите. Таа освои 77 отсто од гласовите, победувајќи го Џејмс Хупер од Републиканската партија кој доби само 19 проценти од гласовите.
Тлаиб за време на кампањата бараше САД да ја прекине воената помош за Израел. Нејзиното противење на војната во Појасот Газа и поддршката за пропалестинските демонстрации на колеџите предизвикаа остри критики и од републиканците и од демократите.
Тајпеј – На Тајван пристигнаа првите 11 американски ракетни лансери ХИМАРС (HIMARS), соопшти денеска тајванското Министерство за одбрана.
Тајпеј се обидува да ја зајакне својата одбрана од потенцијален напад од Кина. Тајван купи 29 ракетни лансери од САД. Не е прецизирано колку чинат ракетните лансери, ниту кога ќе бидат доставени сите 29 нарачани системи.
Системите ХИМАРС Украина ги користеше во одбраната од Русија.
Во текот на изминатите пет децении, САД на Тајван му продаде воена опрема и муниција во вредност од милијарди долари, вклучително и борбени авиони Ф-16 и воени бродови.
Бејрут - Спасувачите извадија 30 тела од урнатините на зграда во градот Барја, Либан, која беше уништена во израелски напад, соопшти денеска либанската служба за цивилна одбрана.
Не е познато дали има преживеани или тела кои сè уште се заробени под урнатините по синоќешниот израелскиот воздушен напад, кој беше извршен без предупредување. Израелската војска не се огласи за нападот.
Петнаесет лица загинаа откако израелските сили ја нападнаа станбена зграда во Барја, во округот Шуф, Либан, јави либанската телевизија Ал Мајадин.