• e martë, 10 shkurt 2026

МГИ 14-ти пат организираше 48-часовен маратон во креирање видеоигри „Global Game Jam 2026 Skopje“

МГИ 14-ти пат организираше 48-часовен маратон во креирање видеоигри „Global Game Jam 2026 Skopje“

Скопје, 10 февруари 2026 (МИА) -  Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри (МГИ) по 14-ти пат организираше 48-часовен маратон во креирање видеоигри Global Game Jam 2026 Skopje.

„Global Game Jam“ е најголемиот светски настан за видеоигри – тридневен предизвик каде што учесниците во ист период на целата  планета работат на создавање  нови видеоигри. Целта на глобалниот настан е да се поттикне креативноста, соработката и иновативноста, овозможувајќи им на учесниците да го споделат своето знаење и вештини.

Како што информира МГИ, темата за оваа година беше „Маска“, а истовремено се случуваше во 132 земји во светот, каде што глобално учествуваа над 475 000 учесници кои креираа повеќе од 100 илјади игри.

-Скопскиот „Глобал гејм џем“ овојпат го зголеми бројот на учесници за дури 38 проценти. Досега рекорден број од 132 учесници на една локација, се проширивме на два ката во Base42, се формираа 25 тима, а тие направија неверојатни 25 игри, од кои 22 видеоигри и три бордгејмови., соопшти МГИ за „Global Game Jam“ во Скопје кој се одржува секоја година во последниот викенд од јануари и е најголемиот двигател на индустријата за развивање игри во Македонија.

Најдобрите креативци на настанот  добија награди. Видеопрезентациите од игрите се достапни на линкот https://tinyurl.com/GGJ26Skopje-igri хс/дма/

Фото: Асоцијација на македонската индустрија за видеоигри

 

QËNDRONI TË LIDHUR