МВР Билтен (ДПЛ)
- На 17.03.2025 на подрачјето на СВР Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода С.Л.(21) и Т.Б.(25), двајцата од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена прашкаста материја.

Скопје, 18 март 2025 (МИА) - На 17.03.2025 на подрачјето на СВР Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода С.Л.(21) и Т.Б.(25), двајцата од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена прашкаста материја.
МВР денеска осопшти дека по целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
На 17.03.2025 околу 16.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на шеталиштето во кругот на Казнено – поправната установа Затвор Скопје била пронајдена ќеса со марихуана. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска (18.03.2025) во 00.05 часот на Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го лишиле од слобода Х.И.Ј.(35) од Република Турција затоа што при извршена пасошка контрола било констатирано дека приложил фалсификувана турска возачка дозвола. Тој бил предаден на полициски службеници од СВР Куманово и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 17.03.2025 во 22.10 часот, полициски службеници го привеле Н.А.(25) од с.Слупчане, општина Липково, затоа што со патничко возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки удрил во паркирано патничко возило „шкода јети“, сопственост на МВР, со кое полициски службеници се обиделе да го сопрат по претходно добиени сознанија дека превезува мигранти. Притоа, со телесни повреди се здобиле двајца полициски службеници, констатирани во Општата болница во Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово, а во возилото биле пронајдени пет лица мигранти од Непал. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 17.03.2025 во 12.45 часот во СВР Куманово, од Општа болница Куманово било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен С.Д.(65) од Куманово. Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика во Куманово. Известен бил јавен обвинител, а увид извршила екипа од СВР Куманово.
На 17.03.2025 во 14.45 часот, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Л.Р.(46) од с.Порој, тетовско. Тој бил пријавен од Ќ.Р.(50) од с.Порој, сопруга на неговиот брат, дека истиот ден околу 13.00 часот во дворот на нејзината семејна куќа од невнимание ја повредил на рамото со воздушна пушка, по што ја пренел во Клиничка болница Тетово. Тој бил задржан во полициска станица и од него биле одземени пневматска пушка „Гамо“ калибар 5,5 милиметри, дозвола за оружје на негово име и една железна кутија со дијаболи. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 17.03.2025 во 17.30 часот во СВР Скопје, било пријавено дека на регионалниот пат Скопје-Куманово, пред с.Арачиново, скопско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген поло“ со скопски регистарски ознаки управувано од Е.К.(19) и патничко возило „сеат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.И.(39), двајцата од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил М.И. констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 17.03.2025 околу 07.30 часот во СВР Штип, било пријавено дека на експресниот пат Штип -Радовиш, патничко возило „алфа ромео“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од П.В.(28) од с.Владевци, струмичко, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
На 17.03.2025 во 09.50 часот во Полициската станица Кочани било пријавено дека на локалниот пат Кочани - брана Гратче, патничко возило „форд фиеста“ со штипски регистарски ознаки управувано од С.Р.(64) од Кочани, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила С.Р., констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Кочани.
На 18.03.2025 во 01.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода С.Ш.(34) од Куманово, постапувајќи по претходна пријава дека допирал по телото и се заканувал на 28-годишна жена од Куманово, со која се познавале од претходно. С.Ш. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
На 17.03.2025 во 11.35 часот во СВР Куманово, од Општа болница Куманово било пријавено дека во болницата со влошена здравствена состојба бил донесен В.А.(32) од Куманово, по што му била дадена терапија, но по кратко време починал. По наредба на јавен обвинител телото било предадено за обдукција, а полициски службеници од СВР Куманово извршиле увид и извршиле разговор со сите присутни медицински лица. Се работи на расчистување на случајот.
На 17.03.2205 во 13.55 часот во СВР Скопје, 24-годишна жена од скопско село пријавила дека во семејниот дом, по претходна расправија, била физички нападната од нејзиниот сопруг. Со него бил извршен службен разговор во Полициската станица Кисела Вода, по што и тој пријавил дека во семејниот дом бил физички нападнат од неговата 24-годишна сопруга. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 17.03.2025 околу 19.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Киро Фетак“ во Скопје, патничко возило удрило во пешакот З.Н.(58) од Скопје, по што возачот со возилото го напуштил местото на настанот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 17.03.2025 во 18.30 часот во СВР Скопје, С.А.(42) од с.Сарај, скопско, пријавил дека на 16.03.2025 околу 15.00 часот во с.Грчец, скопско, по претходна расправија, неговиот зет Н.А. му упатил закани со огнено оружје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 16.03.2025 во 13.24 часот во СВР Штип било пријавено дека во близина на Виница настанал пожар на сува трева и стрниште, кој се проширил и зафатил дрва и помошен објект – штала, сопственост на Т.Н.(61) од Виница. Пожарот бил изгаснат од екипи на Територијалната противпожарна единица Виница и Доброволно противпожарно друштво, а повредени лица нема. Увид извршила екипа на СВР Штип. цр/
Фото: МИА архива