• e martë, 17 dhjetor 2024

Лимани: Новата градинка „Рилиндја“ во Тетово е целосно завршена, стручен кадар е обезбеден и наскоро ќе започне со згрижување деца

Лимани: Новата градинка „Рилиндја“ во Тетово е целосно завршена, стручен кадар е обезбеден и наскоро ќе започне со згрижување деца

Тетово, 16 декември 2024 (МИА) -  Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани заедно со градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами денес го посетија новиот објект „Рилиндја“  при Јавната установа „Младост“, Општина  Тетово, со цел увид на активностите пред отворањето на установата, информираа од Министерството преку соопштение.

Според информацијата, градинката е целосно завршена и ќе овозможи престој на 165 деца на возраст до шест години, во предучилишниот процес, а обезбедени се и вработувања за 29 лица.

-Наша цел, а истовремено и  одговорност е да обезбедиме квалитетен ран раст и развој на децата и на тоа посветено работиме. Секое дете заслужува да посетува градинка и да се стекне со предучилишно воспитание и образование кое ќе придонесе за негов понатамошен развој. Продолжуваме да работиме на намалување на листите на чекање на децата за упис во градинките, изградба на градинки каде што има потреба, и вработување на стручен кадар во истите, истакнува министерот  Лимани.

Изградбата е финансирана преку Годишната акциска програма „Поддршка на ЕУ за образование, вработување и социјална политика“ за 2017 година со вкупен буџет од околу 805.000 евра,  од кои Европската Унија финансира околу 705.000 евра и кофинансира државата од националниот буџет од околу 100.000 евра. ас/дма/


Фото: МСПДМ

QËNDRONI TË LIDHUR