Лазаров пред дуелот со Словенија: Ако одиграме на нашето најдобро ниво, мислам дека можеме да ја оствариме целта
- Post By Спорт Миа
- 16:38, 9 mars, 2025

Скопје, 9 март 2025 (МИА) - Се соочуваме со сериозен противник кој неодамна играше полуфинале на Олимписки игри и беше петтопласиран на последното Европско првенство. Словенија секогаш има високи амбиции, имаат специфичен стил на игра со одлична тактика и техника. Ќе пробаме максимално да го искористиме периодот за подготовка и се надевам дека ќе се прикажеме во одлично светло, изјави денеска селекторот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров.
Ракометарите во ЕХФ неделата која следи ќе одиграат два натпревари против Словенија во рамките од квалификациите за Европското првенство. Македонија ќе биде домаќин на првиот натпревар кој ќе се одигра на 12 март од 20:00 часот, додека четири дена подоцна ќе гостува во Копер, тој натпревар е во терминот од 18:30 часот.
-Нема да биде воопшто лесно, можам слободно да кажам дека Словенија е меѓу осумте најдобри репрезентации во Европа и во светот. Ќе одработиме три тренинзи и ќе се спротивставиме на најдобар можен начин. Мора да се бориме до крајот, исто како на мечевите на Мундијалот. Веруваме во позитивен резултат, до него можеме да стигнеме само со голема борба и пожртвуваност во играта. Ако одиграме на нашето најдобро ниво, мислам дека можеме да ја оствариме целта. Имаме млада и полетна екипа која одигра одлично на Светското првенство. Треба да ги повториме тие настапи и да не отстапуваме од нашиот стил, додаде Лазаров. дс
Фото: Архива