Кумановци бараат да се постават нови семафори на булеварот „Трета МУБ“
- Зачестени сообраќајни несреќи со помала материјална штета се случија последниве денови на булеварот „Трета МУБ“ во Куманово бидејќи извесен период семафорите не работат.

Куманово, 26 март 2025 (МИА) -Зачестени сообраќајни несреќи со помала материјална штета се случија последниве денови на булеварот „Трета МУБ“ во Куманово бидејќи извесен период семафорите не работат.
Од секторот за комунални дејности информираат дека во тек е поставување нови семафори. Кумановци реагираат дека тука има голема раздвиженост и генерално булеварот е една од главните артерии во општината која го поврзува источниот и западниот дел на градот.
Пешаците и возачите реагираат на состојбата – бараат побрзо решавање на проблемот од општината, но и апелираат до СВР Куманово, полициски службеници да го регулираат сообраќајот.
Од Секторот за комунални дејности при општина Куманово денеска информираа дека се работи на случајот, потенцирајќи дека не станува збор за одржување на семафорите, туку за оштетување заради што деновиве биле поставени три нови, од вкупно шест столба на коишто ќе бидат приклучени семафорите, најверојатно до крајот на неделава.
-За состојбата се известени и компанијата задолжена за одржување на семафорите и СВР Куманово. Во случај кога семафорите не работат, а полицијата не го регулира сообраќајот, на крстосницата возачот е должен да го пропушти возилото кое доаѓа од неговата десна страна, соопштија од секторот за комунални дејности.
За одржување на семафорите е задолжена компанија од Скопје, а постигнатиот договор е со вредност од 991,2 илјади денари. ам/сст/
Фото МИА