• e martë, 11 mars 2025

Кампања „Можеби и ти си вовлечен во трудова експлоатација“ поврзана со трговија на работници и трудова експлоатација

Кампања  „Можеби и ти си вовлечен во трудова експлоатација“ поврзана со трговија на работници и трудова експлоатација

Скопје, 11 март 2025 (МИА) - Бизнис конфедерацијата на Северна Македонија со поддршка на ЕУ и Советот на Европа од денеска почнуваат кампања за подигање на јавната свест поврзана со трговија на работници и трудова експлоатација. Иницијативата за подигање на јавната свест „Можеби и ти си вовлечен во трудова експлоатација“ што ја спроведува Бизнис конфедерацијата на Северна Македонија, е поддржана од проектот „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија “. Овој проект е дел од заедничката програма на Европската Унија/Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција III 2023 – 2026 година“.

Главна цел е да се придонесе кон намалување на барања за услуги изнудени од жртви на трговија со луѓе, а дополнителна цел, како што се наведува во соопштението од Бизнис конфедерацијата на Северна Македонија, е градење на добро информирано, будно и одговорно општество кое активно придонесува за превенција и борба против трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација.

За да се подигне јавната свест за последиците од користењето услуги обезбедени од жртвите на трговија со луѓе кои се експлоатирани за работни цели, Бизнис конфедерацијата на Северна Македонија изработи низа информативни и промотивни материјали, вклучувајќи четири Водичи за спречување трудова експлоатација насочени кон индустриите кои се најподложни на трудова експлоатација, како што се земјоделството, градежништвото, туризмот и угостителството.

Поимот „трудова експлоатација“ во контекст на трговијата со луѓе се користи за да се опфатат, најмалку, принудната работа или услуги, ропството или практики слични на ропството и слугувањето.

Трудовата експлоатација претставува сериозен и комплексен проблем кој влијае на милиони луѓе ширум светот. Денес, повеќе од 40 милиони поединци се жртви на модерно ропство , со 24,9 милиони заробени на принудна работа во секторите како угостителство, градежништво и земјоделство, заедно со 4,8 милиони во сексуална експлоатација и 4 милиони подложени на принудна работа наметната од државата. – Извор: Меѓународна организација на трудот

- Во Северна Македонија, трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација е растечки проблем. Најновите извештаи покажуваат дека македонски државјани се жртви на трудова експлоатација во странски земји, а постојат и пријави на домашни и странски државјани кои се тргувани со цел трудова експлоатација внатре во земјата, се додава во соопштението.

Кампањата има за цел да ги информира граѓаните за ризиците од трудова експлоатација и да ги поттикне да бидат внимателни при прифаќање на работни понуди, особено оние кои изгледаат премногу добри за да бидат вистинити.

- Особено важно е дека децата сочинуваат 70% од сите идентификувани жртви на трудова експлоатација. Граѓаните се охрабруваат да пријават сомнителни активности и да побараат помош доколку се соочат со експлоатација. А, работодавачите се исто така предупредени за било какви сомнежи во врска со можна трговија со луѓе за трудова експлоатација, се вели меѓу другото во соопштението од Бизнис конфедерација на Северна Македонија.

Изработените водичи за работодавачи нудат практични информации за заштита од трудова експлоатација, како и чекори за осигурување на фер услови за работа. Дополнително, подготвени се и брошури за потенцијални жртви, со јасни насоки за тоа како да препознаат експлоатација и каде да побараат помош. цр/вг/

Фото: принтскрин од веб страницата на Програмска канцеларија на Советот на Европа во Скопје

 

QËNDRONI TË LIDHUR