• e mërkurë, 12 mars 2025

Пратеничката група за соработка со парламентите на балтичките земји на средба со амбасадорката на Литванија

Пратеничката група за соработка со парламентите на балтичките земји на средба со амбасадорката на Литванија

Скопје, 11 март 2025 (МИА) - Членови на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламентите на балтичките земји - Естонија, Летонија и Литванија оствариле средба со амбасадорката на Литванија во Скопје, Вилма Дамбраускиене, во пресрет на возвратната посета на собраниска делегација на Вилнус, во почетокот на есента.

Како што информира собраниската прес-служба, претседателката на ПГ за соработка со Парламентот на Литванија, Моника Зајкова, изразила задоволство за отворањето на Канцеларијата на литванската амбасада во Скопје и ја поздравила можноста за размена на искуства со оваа балтичка држава.

-Соговорниците се согласија дека Северна Македонија и Литванија, кои годинава одбележуваат три децении од воспоставувањето на дипломатските односи, во континуитет негуваат добри билатерални релации, кои треба да се продлабочуваат во повеќе области, како и во делот на парламентарната соработка, се наведува во соопштението. 

На средбата присуствувале и пратениците Халил Снопче, Јованка Тренчевска и Велика Стојкова Серафимовска, кои се вклучиле во дискусијата со амбасадорката Дамбраускиене.

-Притоа беа разменети мислења за застапеноста на жените во Собранието на Северна Македонија и на лидерски позиции во другите институции, како и за политиките на Литванија во областа на дигитализацијата, образованието и младите, социјалната заштита и човековите права. Соговорниците, исто така, разговараа и за регионалната соработка меѓу балтичките земји, како и за политиките во однос на дијаспората, соопшти собраниската прес-служба. хс/дма/

Фото: Собрание на Република Северна Македонија 

QËNDRONI TË LIDHUR