Калас: Ако попуштиме пред агресорот, ќе охрабриме нови војни
- - Јасно ни е од овие контакти дека Русија не се откажала од своите цели, изјави Калас. - Тие сакаат да добијат максимум и уште повеќе. Ако му дадеме сè на агресорот, тоа испраќа сигнал до сите агресори во светот дека можат да го сторат истото, потенцираше Калас
- Post By Сања Костовска
- 07:49, 21 shkurt, 2025

Брисел, 21 февруари 2025 (МИА) - Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас предупреди дека дипломатските контакти меѓу САД и Русија покажуваат дека Москва не се откажува од своите територијални цели во Украина, што испраќа опасен сигнал.
За време на состанокот на министрите за надворешни работи на Г-20 во Јужноафриканската Република, Калас нагласи дека претседателот Доналд Трамп со својата одлука да преговара директно со Русија без вклучување на Украина ги загрижил европските партнери.
- Јасно ни е од овие контакти дека Русија не се откажала од своите цели, изјави Калас. - Тие сакаат да добијат максимум и уште повеќе. Ако му дадеме сè на агресорот, тоа испраќа сигнал до сите агресори во светот дека можат да го сторат истото, потенцираше Калас
Таа посочи дека некои земји се премногу фокусирани на посредување, наместо да вршат политички и економски притисок врз Русија за да ја запре војната.
Трамп во средата го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски „диктатор“ и го повика да прифати мировен договор со Русија, предупредувајќи дека во спротивно ризикува да ја загуби својата земја.
- Клучното прашање, кое често се игнорира, е дека Русија не сака мир, порача Калас.
Таа додаде дека е прерано да се зборува за испраќање мировни трупи во Украина пред да биде постигнат прекин на огнот, тема што се дискутираше меѓу европските лидери во Париз оваа недела.
Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, изјави дека „не гледа никаква подготвеност“ од страна на Москва за мир, откако го слушнал говорот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на состанокот во Јоханесбург.
- Мора да кажам, откако ги слушнав Русите и Лавров денеска, не гледам никаква вистинска желба за мир, изјави Лами. ссм/
фото: ЕПА