Иротова Лазарова: Ќе се исплатат сите заостанати субвенции, Платежната агенција почнува средби со производителите под слоганот „Прашај ја Агенцијата“
- -Средства има и прашање на време е кога ќе почнат да се исплаќаат. Направивме напори да ги обработиме и платите за овчарите за 2023 и 2024 година и до крајот на 2025 година ги доставивме до трезорот. За директните плаќања во овчарството за 2025 ќе биде потребно барем една недела да се обработи документацијата за потоа налозите да стигнат до трезорот. Денеска излезе огласот за плата за овчарите за 2025 година. Очекувам до јуни целосно да заврши овој процес и оваа обврска да се исплати, рече Иротова Лазарова.
Прилеп, 2 март 2026 (МИА) - Во трезорот се испратени налозите за исплатата на заостанатите субвенции од 2023 и 2024 година за овчарството, а во меѓувреме се обработуваат барањата за исплата на една милијарда денари за минатата 2025 година, изјави Даниела Иротова Лазарова, в.д. директорка на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството.
Иротова Лазарова денеска во Прилеп имаше средба со одгледувачите на овци од повеќе здруженија. Со ова, Агенцијата, како што најави директорката, ја почнува серијата средби со производителите на храна под мотото „Прашај ја агенцијата“.

-Средства има и прашање на време е кога ќе почнат да се исплаќаат. Направивме напори да ги обработиме и платите за овчарите за 2023 и 2024 година и до крајот на 2025 година ги доставивме до трезорот. За директните плаќања во овчарството за 2025 ќе биде потребно барем една недела да се обработи документацијата за потоа налозите да стигнат до трезорот. Денеска излезе огласот за плата за овчарите за 2025 година. Очекувам до јуни целосно да заврши овој процес и оваа обврска да се исплати, рече Иротова Лазарова.
Агенцијата преку средбите со производителите на храна ќе им ја објасне програмата за оваа, 2026 година, околу која се создаде фама. Освен тоа, ќе се слушнат сите проблеми со кои се соочуваат и ќе се бараат решенија во законските рамки.

-Сметам дека треба да ги споделиме новите мерки за 2026 година и да направиме една конекција со сточарите, зашто ќе ги слушнеме проблемите на секој земјоделец и, каде има проблем и како може да помогнеме да се реши. Почнуваме од Прилеп. Слоганот на ова излегување на терен преку директни средби со производителите на храна е „Прашај ја Агенцијата“. Агенцијата е имплементатор на програмите кои ги креира Министерството за земјоделство, но, како Агенција, секогаш даваме анализи и податоци дали некоја мерка е успешно имплементирана и каде се слабостите, каде треба да бидат зајакнати или да се воведат нови критериуми, со цел да ги намалиме злоупотребите, а определените средства да стигнат кај вистинските производители, рече в.д. директорката на Платежната агенција Даниела Иротова Лазарова.

Боби Бошески од здружението на одгледувачи на овци вели дека средбите се битни зашто од вистинско место треба да се побараат одговори, а не преку социјални мрежи и меѓусебни разговори меѓу сточарите.
-Битно е едно- да им се овозможи на сточарите да се вратат повторно во живот, да се субвенционира сега, бидејќи повеќе од половината од нив останаа без пари, а има тековни проблеми, меѓу кои е и откупот на јагнињата, рече Бошески.
Насер Џемаили од Сојузот на одгледувачи на овци смета дека владата треба да ги поддржи напорите на Агенцијата и на Министерството ако сакаме оваа сточарска гранка да опстојува.
-Апелирам до Владата да излезе во пресрет, да ги поддржат директорката на Агенцијата и Министерството за земјоделство ако сакаат да опстане оваа гранка, реќе Џемаили.
Во работата на терен на Агенцијата под слоганот „Прашај ја Агенцијата“, ќе има средби со сите производители на храна. ем/мч/
фото: МИА