• e enjte, 20 shkurt 2025

Зелен хуман град: Апел до претседателката да не ги потпишува контроверзните измени на Законот за урбанистичко планирање 

Зелен хуман град: Апел до претседателката да не ги потпишува контроверзните измени на Законот за урбанистичко планирање 

Скопје, 17 февруари 2025

Почитувана претседателке Сиљановска-Давкова,

Ви се обраќаме со апел да не ги потпишувате контроверзните измени на Законот за урбанистичко планирање со кои се овозможува уништување на плодно земјоделско земјиште со поставување на фотоволтаични централи и ветерници.

Ве повикуваме да покажете дека навистина сте претседателка на сите граѓани и да постапите во корист на граѓаните – уништувањето на плодно земјоделско земјиште во ера на климатска криза е погубно за Македонија, особено имајќи го предвид фактот дека македонското земјоделство со децении се соочува со низа удари предизвикани од лоши владини политики поради што имаме незапаметен пад во домашното производство и екстремно висока зависност од увоз на храна!

 Од првиот ден кога сме доставиле јавни барања до институциите за инвестиции во обновлива (соларна) енергија сме нагласувале дека фотоволтаичните (ФВ) системи мора најнапред да се поставуваат на сите расположливи кровни површини и тоа со приоритет на јавни институции кои се греат на загадувачки енергенси. Понатаму, со измени во законските и подзаконските акти да се тргне ограничувањето на инсталирана моќност за да може секое домаќинство, секоја заедница на станари, секој деловен објект да си постави ФВ системи на покривот на објектите за домување/деловни намени, а вишокот
произведена енергија да може да го враќа назад во мрежата по фер цена и на тој начин да го намали сопствениот финансиски товар предизвикан од астрономските цени на електричната енергија.

Поентата со инвестициите во соларната енергија е да се има најмал негативен ефект врз животната средина, а со тоа и врз човечките животи, но поентата е и граѓаните на Македонија да се ослободат од енергетската сиромаштија и од енергетските монополи.

Со потпишување на указот за овие законски измени вие ќе го овозможите токму спротивното – односно продолжување на должничкото ропство на многу наши сограѓани, едноставна замена на еден монопол со друг!

Спорните законски измени претставуваат злоупотреба на обновливата енергија како изговор за уништување на наш драгоцен ресурс.

Уште позагрижувачки е фактот што нарачаните штетни измени на Законот за урбанистичко планирање веќе по вторпат за овој пратенички состав преоѓаат во шаблонско однесување и нѐ враќаат во минатото кога јавноста речиси не можеше да ги
следи пречестите измени на законите поврзани со урбанизмот. Законот за градење во своето минато 11-годишно владеење оваа власт го менуваше дури 29 пати!

Не може измени на закони кои се усвојуваат по скратени постапки зад затворени врати да бидат во корист на граѓаните!


Активисти на Граѓанска иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД

QËNDRONI TË LIDHUR