• e mërkurë, 01 janar 2025

Дебрани масовно присуствуваа на хуманитарното празнично дружење, на радоста и восхитот им немаше крај

Дебрани масовно присуствуваа на хуманитарното празнично дружење, на радоста и восхитот им немаше крај

Дебар, 29 декември 2024 (МИА) - Деца, млади, но и возрасни дебрани беа дел тридневното хуманитарно празнично дружење, што се организираше на градскиот плоштад, по иницијатива на Здружението „Рајчица“ во соработка со општина Дебар.

На овој настан што за првпат се одржува во Дебар, кај сите, без исклучок, на радоста и восхитот им немаше крај.

За времетраењето на Базарот, на градскиот плоштад присутните имаа можност да се дружат со многу маскоти, жонглери и секако со Дедо Мраз, кој имаше многу подароци за секое дете, а се насладуваа и со разни слатки и други производи, по поволни цени, подготвени од вредните раце на волонтерската група на Здружението „Рајчица“.

Како што потврдија од Здружението, собраните средства од нивната продажба, но и прилозите на дебрани, ќе бидат наменети кон хуманитарни активности, за поддршка на најранливите категории во нашето општество.

Задоволство од одржувањето на еден ваков настан искажа и градоначалникот Хекуран Дука, ветувајќи поддршка и во иднина на вакви и слични активности.

-Со задоволство ја продолжуваме соработката со здружението „Рајчица“, овој пат со навистина преубав настан, кој за првпат се случува во нашиот град. Граѓаните, особено дечињата се презадоволни. Како локална самоуправа ќе продолжиме со поддршка на настани кои се во интерес на нашата заедница, тука секако на најмладите, кои излегоа во голем број заедно со нивните најблиски, рече за МИА, градоначалникот Дука.

Од здружението " Рајчица" не кријат дека се презадоволни што граѓаните на Дебар, без оглед на нивната етничка или религиска припадност, ја прифатиле оваа иницијатива која за првпат се случува во овој регион. 

-Особено не израдуваа дечињата, кои доаѓаа на празничниот Базар заедно со своите родители, а присутни беа и лицата со посебни потреби кои имаа можност да учествуваат во сите игри. На едно место, исполнето со многу забава, дружба и интеракција, можевме на дело да видиме како беспрекорно функционира инклузивноста. Цел град беше вклучен и го помагаше настанот, сите беа многу среќни. Ова е вистинска културна револуција, додаваат од Здружението.

Искажуваат голема благодарност за добиената поддршка од страна на Општина Дебар.

-Воодушевена сум од се што видов и доживеав деновиве. Моите деца дојдоа уште првиот ден и потоа секој ден бараа да ги донесам на Базарот за да си играат со Дедо Мраз. Би сакала следната година повторно да има ваков настан, и да трае повеќе дена, вели дебранка, која ја затекнавме како ги фотографира своите дечиња со маскотите.

Хуманитарното празнично дружење почна во четвртокот, а заврши синоќа. вт/ац/


Фото: МИА

QËNDRONI TË LIDHUR