• e martë, 17 shkurt 2026

Дарио Коста успешно слета и полета со авион од воз во движење

Дарио Коста успешно слета и полета со авион од воз во движење

Афјонкарахисар, 17 февруари 2026 (МИА) - Италијанско-британскиот пилот на спортскиот летечко-тркачки тим Ред бул, Дарио Коста влезе во историјата на авијацијата со својот маневар со слетување со мал авион на воз - прв од таков вид во светот. Потфатот се случи во Афјонкарахисар, Турција, каде што спортистот успешно слета со своето спортско летало врз товарен воз во движење и повторно полета од истиот вагон.

Коста (45) изврши „слепо слетување“ (без поглед кон „тлото“, поточно платформата за слетување) на делница од 2,5 км во услови на силна турбуленција и променлива брзина, со временски прозорец од само 50 секунди за слетување и полетување. Проектот „Слетување на воз“ следи по месеци инженерска анализа, симулации, подготовка за лет и безбедносни протоколи, и комбинирано синхронизирано усогласување на брзината, аеродинамична контрола, когнитивна обука и милиметарско прецизно мерење, но и чувство за времето.

Во овој случај, Коста успешно слета на авионот „Живко еџ 540“ (Zivko Edge 540) со деветтиот, последен вагон на возот при максимална оперативна брзина од 120 км/ч. Во истовреме, тој ја намали брзината на леталото на минимална контролирана брзина од 87 км/ч, за да ја усогласи со онаа на возот, објави „Кликс“.

- Слетувањето на воз беше еден од најпредизвикувачките и најсложените проекти во мојата кариера. Имаше толку многу варијабли за мерење, но најголемиот тест беше учењето да се „слетува на слепо“ на многу мала подвижна писта, потпирајќи се само на когнитивните способности и вештините за летање. И покрај тешкотиите, ова беше одлично искуство. Беше ова првпат авион успешно да воспостави контакт со воз во движење, поврзувајќи го најстариот моторизиран превоз со најновиот. Тоа беше сложен проект што бараше прецизност, тимска работа и доверба, и горд сум што го реализиравме како што беше планирано, рече Коста.

За време на маневарот, возот создаде чувствителна ветерна турбуленција и нестабилен проток на воздух над вагонот, што бараше постојани корекции за одржување на надолжната и страничната контрола. Поради ова, брзината на протокот на воздух над вагонот беше намалена за 33 км/ч, што ја зголеми сложеноста на потфатот.

Приближувајќи се од југоисток кон северозапад, авионот прецизно се усогласи со насоката и брзината на возот. Дури и најмало отстапување од неколку сантиметри можеше да предизвика надолжно или странично пречекорување на тесната површина на вагонот.

Поради дизајнот на авионот, неговата положбата на носот и крилата во однос на хоризонтот - приближно 8 степени наклон, и димензиите на возот, платформата беше надвор од видното поле на Коста за време на приближувањето. За да постигне прецизно усогласување, пилотот се потпираше исклучиво на когнитивната обука и на своите вештини.

- Најкритичниот аспект беше усогласувањето на авионот со возот, па затоа прецизноста мораше да биде апсолутна, а Дарио го постигна тоа. Нема место за емоции за време на ваков проект. Тој е вистински магионичар, изјави Филипо Барберо, консултант за авијација.

Пред подвигот во Турција, тој имаше тест во Пула, Хрватска, во соработка со „Римац автомобили“. Користејќи го нивниот целосно електричен хиперавтомобил „Неверу“ како платформа за движење, Коста го усоврши своето усогласување и време на прецизна реакција.

Пред неколку години, Коста во Турција го изведе својот „Премин низ тунел“, кога прелета низ два автопатни тунели близу Истанбул, па сега се врати во земјата за да ја истражи изводливоста на овој нов концепт во авијацијата.

Зошто е важен проектот за слетување на воз? Извршувањето слетувања и полетувања на вагон во движење претставува значајна промена во применетата аеродинамика и вештините за пилотирање. Според познавачите, овој подвиг и успешното усогласување на полната оперативна брзина на возот и минималната брзина на авионот покажува како подготовката заснована на податоци и прецизното летање можат да ги поместат границите на контролираниот лет во невообичаени средини.  си/сд/

Фото: Фејсбук-објава, фотоисечок.

QËNDRONI TË LIDHUR