Во Крива Паланка продолжува социјалната услуга за нега и грижа во домот на 100-тина стари и изнемоштени лица
- Со буџет во износ од 29.000.000 денари одобрени преку Министерството социјална политика, демографија и млади, и оваа година стотина стари изнемоштени лица од Општина Крива Паланка ќе ја користат социјалната услуга за нега и грижа во домот од страна на негуватели од „Нега центар“ при Општинската организација на Црвен крст, Крива Паланка.
![Во Крива Паланка продолжува социјалната услуга за нега и грижа во домот на 100-тина стари и изнемоштени лица](https://mia.mk/images/20250205095507_big_730x400_73.webp )
Крива Паланка, 5 февруари 2025 (МИА) - Со буџет во износ од 29.000.000 денари одобрени преку Министерството социјална политика, демографија и млади, и оваа година стотина стари изнемоштени лица од Општина Крива Паланка ќе ја користат социјалната услуга за нега и грижа во домот од страна на негуватели од „Нега центар“ при Општинската организација на Црвен крст, Крива Паланка.
Информацијата ја сподели градоначалникот на Крива Паланка на вчерашната средба со четириесетте негувателки и одговорните од Црвен крст од градот, кои се даватели на услугата истакнувајќи дека оваа услуга прерасна во препознатлив социјален сервис на стари, осамени и изнемоштени лица од општината кои добиваат професионална нега и грижа во нивните домови.
-Четврта година по ред, општината во соработка со Црвен крст и со поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади, успева да пружи вистинска грижа, помош и нега за нашите највозрасни жители, и тоа директно во нивните домови. Со оваа социјална услуга за нашите возрасни жители се обезбедува помош во вршење на основни и неопходни активности од секојдневниот живот до 80 часа месечно, за лица со намален функционален капацитет кои не можат сами да се грижат за себе, со цел да продолжат да живеат во сопствениот дом и да водат независен живот во заедницата. Во 2025 околу 100 стари лица ќе бидат опслужени од страна на сертифицирани негуватели на стари, рече Митовски, посочувајќи дека општината континуирано води грижа за ранливите категории лица, меѓу нив и највозрасните, имплементирајќи конкретни мерки и активности преку програмата за Социјална, детска и здравствена заштита.
Маја Илиевска, вршител на должноста секретар на Општинската организација на Црвен Крст Крива Паланка денеска рече дека радува фактот што министерството ја препознава потребата од пружање ваква услуга за возрасните, а општината препознавајќи ги потребите на заедницата во континуитет е вклучена во сите социјални услуги за ранливите категории граѓани.
-Благодарение на посветеноста и партнерството со Општина Крива Паланка, успеваме да создадеме систем кој ги почитува и негува нашите највозрасни граѓани. Ова партнерство е од големо значење за нашата заедница и продолжуваме да работиме заедно во насока на обезбедување на подобри услови за нашите сограѓани од трето доба. За унапредување на услугата, работиме постојано и на зајакнување на капацитетите на негувателите, вклучени во процесот, додаде Илиевска.
Преку оваа програма во 2024 година од буџетот на општината се издвоени 200.000 денари за реализација на специјализирана обука за невработени лица за персонални асистенти и негуватели, со што, во моментот општината располага со вкупно 62 сертифицирани негуватели.
Од Општина Крива Паланка нагласија дека активно се работи и на процесот на реализација на значајниот проект за изградба на Дом за стари лица, со што јасно се покажуваат грижата за највозрасните, проактивниот однос и конкретните мерки на општината во насока на решавање на нивните потреби и приоритети.
За непречено функционирање при пружање на услугите за старите и изнемоштени лица набавено е и теренско моторно возило, а во просториите на Црвен крст е опремен „Нега центар“ за потребите на обука и координација на негувателите.
Маја Илиевска, вршител на должноста секретар на Општинската организација на Црвен Крст Крива Паланка рече дека радува фактот што министерството ја препознава потребата од пружање ваква услуга за возрасните, а општината препознавајќи ги потребите на заедницата во континуитет е вклучена во сите социјални услуги за ранливите категории граѓани.
За унапредување на услугата, ОО Црвен Крст работи постојано и на зајакнување на капацитетите на негувателите, вклучени во процесот.
Во рамки на ОО Црвен крст Крива Паланка функционира и Дневен центар за стари лица со активно стареење што со поддршка од МТСП и сума во вредност од 5.7 милиони денари беше отворен во 2023 година. иб/цр
Фото: Општина Крива Паланка