• e mërkurë, 18 shkurt 2026

Во грчкиот Парламент доставен законот за изборна единица на дијаспората и за поштенско гласање на гласачите вон Грција

Во грчкиот Парламент доставен законот за изборна единица на дијаспората и за поштенско гласање на гласачите вон Грција

Атина, 17 февруари 2026 (МИА) – Можност за гласање по пошта и на парламентарните избори за грчките државјани со право на глас кои живеат во странство, како и определување посебна изборна единица на грчката дијаспора со три пратенички места, предвидува законот на Министерството за внатрешни работи на Грција, доставен до грчкиот Парламент, што се очекува да биде ставен на гласање на почетокот на следниот месец, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека „успешната примена на поштенското гласање на европските избори од 9 јуни 2024 година покажа дека земјата може да им го олесни остварувањето на избирачко право на грчките гласачи во странство од местото на живеење, зајакнувајќи ги нивните врски со татковината“.

Во однос на одредувањето изборна единица на грчката дијаспора со три пратенички места, ќе им овозможи на избирачите надвор од Грција сами да ги изберат пратениците што ќе ги претставуваат во Парламентот.

За да можат двете одредби на предлог-законот да се спроведат на следните парламентарни избори во 2027 година неопходно е двотретинско мнозинство во Парламентот, односно да бидат изгласани од најмалку 200 пратеници, во моментите кога владејачката Нова демократија има 156 пратенички места, што значи дека ќе биде потребна поддршка и од опозициските партии.

Доколку не се постигне потребното двотретинско мнозинство, за едната одредба, ќе остане во сила постоечката законска рамка за гласање со физичко присуство на избирачки места во странство, додека пак другата ќе се спроведе на изборите по оние во 2027 година.

Од Министерството потсетија дека законот е во продолжение на дијалогот со партиите и по трите состаноци на неформалната меѓупартиска комисија.

Предлог-законот в четврток ќе се разгледа на надлежната парламентарна комисија, а на пленарна седница и гласање се очекува да биде ставен во првата недела од март.

Конкретните измени ги најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на владината седница на крајот на јануари, кога посочи дека по позитивното искуство од евроизборите, сега може да се направи следниот чекор, односно „Грците со постојано живеалиште вон Грција да можат не само да ја изберат партијата по свој избор, туку и одреден член на парламентот како свој претставник“.

Објасни дека за овие три пратенички места, ќе се намали бројот на пратенички места од државната листа, кои на минатите избори беа 15, а сега одново да се вратат на 12 како што важеше од 1974 до 2019 година.

Пред две години, во Парламентот беше изгласан законот за поштенското гласање што сега важи само за евроизборите и референдумите, додека пак амандманот, Грците во странство да гласаат по пошта и на парламентарни избори, не го доби потребното двотретинско мнозинство, односно најмалку 200 гласа.

Гласањето преку пошта за првпат беше спроведено на евроизборите во 2024 година, а има право да се пријават сите грчки граѓани без разлика дали живеат во земјата или во странство. ср/мс/

Фото: Архива МИА

QËNDRONI TË LIDHUR