• e martë, 17 dhjetor 2024

Во Битола промовиран проект „Заедници со интегритет“

Во Битола промовиран проект „Заедници со интегритет“

Битола, 16 декември 2024 (МИА) - Швајцарија, преку Швајцарската програма за соработка со Северна Македонија почна со реализација на проектот „Заедници со интегритет“ чија основна цел е да им помогне на општините да создадат и институционализираат силни системи и практики за интегритет кои ги минимизираат ризиците од корупција и ја зголемуваат довербата на граѓаните.

Проектот „Заедници со интегритет“ ќе се спроведува во општините Битола, Боговиње, Гази Баба, Куманово, Струмица и Штип и ќе се реализира во период од десет години за што се обезбедени 10 милиони швајцарски франци, беше истакнато на промотивниот настан во Битола.

-Проектот локална самоуправа без корупција е потврда дека Општина Битола како лидер во транспарентноста изминатите неколку години спроведува проекти кои го зајакнуваат граѓанскиот карактер и учество и ја прават општината лидер во Република Македонија. Ние овозможивме електронска наплата на данок, електронски модул за субвенции, наскоро ќе имаме нова веб-страница, а реализиравме и други активности со кои покажавме отчетност и транспарентност во нашето работење, истакна градоначалникот Тони Коњановски.

Јавна поддршка за реализација на проектот искажа и претседателката на Советот на Општина Битола Габриела Илиевска која посочи дека поддршката во вакви проекти и клучна за вистински заедници со интегритет.

-Зборот интегритет многу и често се поистоветува со зборот чесност и во таа смисла се надевам дека по спроведувањето на овој проект ќе покажеме дека имало причина токму во нашата општина истиот да се имплементира. Во спроведувањето на ваквите проекти посебна обврска имаат членовите на општинските Совети и тие треба да се пример за интегритет во општеството и затоа верувам дека секој на свој начин ќе покаже дека сака да се бори против корупцијата, посочи Илиевска.

Целите и очекуваните резултати од проектот во Битола ги презентираше Дејви Сил, виш резидентен проектен директор и лидер на тимот кој истакна дека програмата се потпира на истражувања на јавното мислење и работата на институциите кои швајцарската амбасада ги собирала во изминатите 30 години.

-Нашата намера е да ги зајакнеме општинските системи на интегритет, општините да се опремат, а граѓанското општество и медиумите да имаат поголем и зајакнат капацитет. Истражувањата покажаа дека на општините им недостига волја за справување со корупцијата, а локалните функционери се впуштаат во корупција пред се заради чувството на неказнивост. Најчестите ризици од корупција се воочени во процесите на донесување урбанистички планови, но и во други области и затоа потребно е да се создадат одржливи механизми и процеси за транспарентност, рече меѓудругото Сил.

Проектот „Заедници со интегритет“ е финансиран од Владата на Швајцарија и ќе го имплементира Националниот демократски институт (НДИ). мт/дма/

Фото: МИА

QËNDRONI TË LIDHUR