• e shtunë, 26 tetor 2024

Велика Британија забранува еднократни „вејпови“ од јуни поради порастот на употребата кај малолетници

Велика Британија забранува еднократни „вејпови“ од јуни поради порастот на употребата кај малолетници

Лондон, 24 октомври 2024 (МИА) - Продажбата на еднократни вејпови во Велика Британија ќе биде забранета од јуни следната година, објави британската влада, со цел да се ограничи штетата што овие уреди ја предизвикуваат на животната средина и на здравјето на младите.

Во последната деценија, употребата на вејпови во Велика Британија драстично се зголеми, при што според владините податоци, речиси 10 отсто од граѓаните купуваат и користат вакви производи.

Поддржувачите на вејповите тврдат дека тие можат да помогнат во одвикнувањето од пушење. Сепак, здравствените власти изразуваат загриженост дека шарените дизајни на уредите и овошните вкусови на течностите за испарување се наменети за привлекување на младите.

Според истражување од оваа година направено од невладината организација „Action on Smoking and Health“, 20 проценти од Британците на возраст од 11 до 17 години изјавиле дека пробале вејп. Продажбата на електронски цигари кои содржат никотин на малолетни лица е забранета.

Владата на Лабуристичката партија планира да предложи севкупен закон за пушење и употреба на никотински производи, наведувајќи дека ќе преземе „најголема интервенција во областа на јавното здравје во последната генерација“. Целта е да се заштитат младите од развој на зависност од никотин.

- Забраната на еднократни вејпови не само што ќе помогне во заштитата на животната средина, туку и значително ќе ја намали привлечноста на вејповите за децата и ќе ги држи овие уреди подалеку од рацете на ранливите млади лица, изјави Ендру Гвин, парламентарен заменик-секретар за јавно здравје и превенција.

Во 2023 година, речиси пет милиони еднократни вејп уреди биле фрлени на земја или во отпадни контејнери. Тие завршуваат на депонии или се согоруваат, создавајќи опасност од пожар поради литиум-јонските батерии.

„Action on Smoking and Health“ ја повика владата да воведе балансирани мерки кои ќе обезбедат дека нема да се загрози користа од вејповите во одвикнување од пушење. ссм/

фото: пиксабеј

QËNDRONI TË LIDHUR