• e premte, 04 tetor 2024

Албанија најостро ги осудува нападите на Иран врз Израел

Албанија најостро ги осудува нападите на Иран врз Израел

Тирана, 2 октомври 2024 (МИА) - Албанија најостро ги осудува нападите на Иран врз Израел и неговите цивили, се вели во реакцијата на албанското Министерство за Европа и надворешни работи.

Во реакцијата се наведува дека „ова претставува значителна ескалација, со што се зголемува заканата за регионалната безбедност“.

-Албанија се солидаризира со народот на Израел и неговото право да живее во безбедност. Го повторуваме нашиот повик за итна деескалација, стои во соопштението на албанското Министерство.

Нападите, во име на партиите, ги осудија и лидерот на опозициската Демократска партија и поранешен премиер и претседател на Албанија, Сали Бериша и лидерот на Партијата на слободата и исто така поранешен шеф на држвата, Илир Мета, изразувајќи „длабока загриженост за ризикот од ескалација на конфликтот во регионот“.

- Нападот на ајатоласите од Техеран против Израел е отворена агресија против оваа земја. Овој чин уште еднаш докажува дека режимот на ајатоласите од Техеран е главен фактор на дестабилизација во регионот и во светот. Ги поддржувам тековните повици и напорите на САД и западните сојузници за деескалација на ситуацијата, за прекин на огнот, за создавање можности за итна хуманитарна помош и за започнување на одржлив процес кон мирот, пишува Мета во реакцијата.

Албанската влада на 7 септември 2022 година ги прекина дипломатските односи со Иран и им нареди на иранските дипломати и на вработените во Амбасадата да ја напуштат земјата во рок од 24 часа, како одговор на иранските сајбернапади од јули истата година.

-Владата одлучи моментално да ги раскине дипломатските односи со Исламската Република Иран. Овој екстремен одговор е целосно пропорционален со големината и ризикот на сајбернападот кој се закани да ги парализира јавните услуги, избрише дигиталните системи, хакира државните документи и да предизвика хаос и несигурност во земјата, изјави тогаш премиерот Еди Рама.

Двете земји имаат тензични односи од 2014 кога Албанија прими 3.000 членови на протераната опозициска група Народна муџахединска организација на Иран (МАК), која е сместена во кампот„Ашаф“ во Манзе кај Драч. вт/

 

GJITHASHTU MUND TË Pëlqejë

QËNDRONI TË LIDHUR