Актерката Слободанка Чичевска добитничка на театарската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2025
- Слободанка Чичевска актерка на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ е добитник на театарската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2025 година што ќе и биде врачена во рамките на програмата на 4. Тетарски фестивал „5 РЕ“, кој што почнува в четврток.

Велес, 25 март 2025 (МИА) - Слободанка Чичевска актерка на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ е добитник на театарската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2025 година што ќе и биде врачена во рамките на програмата на 4. Тетарски фестивал „5 РЕ“, кој што почнува в четврток.
Вака одлучи Жири комисијата за доделуање на наградата во состав Александар Ѓорѓиев пензиониран актер заедно со актерите Зорица Панчиќ и Тони Михајловски, информира Александар Ѓорѓиев на денешната прес - конференција по повод претстојното 4. издание на Театарскиот фестивал „5 РЕ“ во Велес. Беше истакнато дека Слободанка ја имала таа можност во најраната младост да одигра многу улоги заедно со доајенот на македонското глумиште Петре Прличко на сцената на стариот велешки театар, кој што неодамна е целосно срушен.
Таа во велешкиот театар настапува уште како ученик во Основно училиште, од учебната 1978/79 година, а е вработени како актер во 1986 година, односно цели 39 години. Има одиграно околу 200 претстави од кои во голем број била во главна улога. Играла и во многу детски претстави, а настапувала и на многу фестивали.
Инаку, годинава во конкуренција за оваа престижна награда била и актерката на битолскиот театар Соња Михајловска.
Наградата за животно дело од актерството „Петре Прличко“ се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и благодарница, како и паричен дел. Се доделува од 2006 година, а прв добитник беше актерот Благоја Спиркоски Џумерко. ад/вг/
Фото: МИА Архива