• e shtunë, 22 shkurt 2025

Аксиос: Зеленски толку многу го налути Трамп што тој беше на чекор од тоа да ја повлече поддршката за Киев

Аксиос: Зеленски толку многу го налути Трамп што тој беше на чекор од тоа да ја повлече поддршката за Киев

Вашингтон, 21 февруари 2025 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски толку многу го налути американскиот претседател Доналд Трамп во последните денови што шефот на Белата куќа беше на чекор од тоа да ја прекине американската воена поддршка за Украина, изјавија тројца американски претставници запознаени со дискусиите за американскиот портал Аксиос.

Шест претставници на администрацијата изјавија за порталот дека во изминатите девет дена имало пет инциденти кои ги налутиле Трамп, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц. Еден функционер рече дека Зеленски „покажал како не треба да се работи“.

Американскиот министер за финансии Скот Бесант се сретна со Зеленски во Киев на 12 февруари за да понуди предлог што ќе им овозможи на САД пристап до правата на украинските ретки минерали во замена за заштита на Вашингтон. Трамп подоцна им кажа на новинарите дека Зеленски бил „непристоен“ и дека ја одложил средбата со Бесант бидејќи спиел.

На безбедносната конференција во Минхен, Венс и Рубио се сретнаа со Зеленски на 14 февруари за да добијат негово одобрение за договорот за правата на минералните суровини. Официјални лица рекоа дека Зеленски ги изненадил Венс и Рубио велејќи дека нема овластување тоа еднострано да го одобри без Парламентот. Потоа, Зеленски јавно ја отфрли понудата на прес-конференција во Минхен на 15 февруари, а претставниците на Белата куќа забележаа дека неговите забелешки дека договорот „не е во интерес на суверена Украина“ значително се разликуваат од попозитивните коментари што тој ги даде на платформата Икс претходниот ден.

Откако Зеленски критикуваше што на 18 февруари во Саудиска Арабија без учество на претставници од Киев се одржа состанок на руската и американската делегација за Украина, Трамп рече дека Зеленски има поддршка од само четири проценти од Украинците. Зеленски возврати на 19 февруари, велејќи дека американскиот претседател „живее во простор на дезинформации“. Трамп тогаш го нарече Зеленски „скромно успешен комичар“ кој стана „диктатор без избори“, пишува порталот, додавајќи дека Трамп никогаш не го окарактеризирал рускиот претседател Владимир Путин како диктатор. рп/

Фото: МИА архива

QËNDRONI TË LIDHUR