Азески панелист на „Копаоник бизнис-форумот“ на тема „Заедно напред: Регионална интеграција на Западен Балкан“
- Со својата сериозна експертиза и активно учество Азески ќе понуди и ќе поттикне значаен дијалог за актуелни теми што ја обликуваат економската слика во регионот во услови на големи неизвесности на глобален план.
2 март 2026
„Копаоник бизнис-форумот“, кој се одржува од 1 до 4 март оваа година, фокусот на дискусиите го става на теми што го обликуваат современиот глобален и регионален контекст, од индустриска политика и конкурентност, преку инвестиции и пазарот на трудот, до дигитална трансформација и одржлив развој, во присуство на лидери од бизнисот, академската и политичката област од регионот и меѓународни експерти од разни области. Централната тема на Форумот е „Индустриската политика во функција на долгорочниот економски раст на Србија“, се наведува во соопштението од Стопанската комора на Северна Македонија, што МИА го пренесува интегрално.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, денеска (2 март 2026 година), е панелист на тема: ЗАЕДНО НАПРЕД: РЕГИОНАЛНА ИНТЕГРАЦИЈА НА ЗАПАДЕН БАЛКАН, со претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж; проф. Дејан Микеревиќ, Економски факултет, Универзитет во Бања Лука; Горан Пекез, директор за корпоративни работи и комуникации за Западен Балкан; Давид Пиегазки, генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум (КИФ); и Небојша Шапониќ, коосновач, „НЕЛТ груп“. Со својата сериозна експертиза и активно учество Азески ќе понуди и поттикне значаен дијалог за актуелни теми што ја обликуваат економската слика во регионот во услови на големи неизвесности на глобален план.
Во рамките на активностите на Копаоник, претседателот Азески ќе учествува и на настанот во организација на компанијата „Експо 2027“ со наслов „Експо 2027 под лупа: најголема шанса или најскапа илузија на Србија“. Идејата е преку отворен разговор да се дискутира со бизнис-претставниците, но и со компанијата EXPO 2027 и компании што имаат искуство со учество на светски изложби, за можностите, предизвиците и, пред сè, реалните економски ефекти од „Експо 2027“ како основ за согледување дали и на кој начин Србија преку оваа глобална платформа, но и стопанството во државата, може да бидат активни учесници во процесот, а не пасивен набљудувач.
На бизнис-форумот, кој според учесниците и големината на одѕивот веќе долго време го носи епитетот на регионалниот балкански ДАВОС, ќе се дискутира за актуелни теми: макроекономски политики, дигитална економија, креативни индустрии, вештачка интелигенција, регионална соработка, инфраструктура, инвестиции, иновации, банкарство и осигурување, земјоделство, зелена транзиција, здравство и образование. Но, секако, и за моментите случувања во светот, кои имаат силно влијание врз економските текови.
Бизнис-форумот во Копаоник е настан од висок профил. Повеќе од три децении Форумот привлекува значителен број учесници од целиот регион. Партнерството со „Мастеркард“ (Mastercard) обезбедува дополнителна поддршка придонесувајќи за поголема видливост и подобрување на квалитетот на овој важен настан со 35 панел-дискусии. Форумот е организиран од Алијансата на економистите на Србија под директно водство на претседателот на српското здружение на економистите, Александар Влаховиќ, а покрај учесниците на „Копаоник бизнис-форумот“, присуствуваат и шефови на држави, премиери и министри, високи претставници на регулаторни тела, претставници на меѓународни финансиски институции, научници, дипломати, деловни практичари и медиуми.