Австрија доби трипартитна коалициска влада
- Либерална партија Неос на референдум одлучи да биде дел од австриската коалициска влада составена од Австриската народна партија (ОВП) и Социјалдемократската партија на Австрија (СПО)
- Post By Марина Илиевска
- 16:34, 2 mars, 2025

Виена, 2 март 2025 (МИА) – Либерална партија Неос на референдум одлучи да биде дел од австриската коалициска влада составена од Австриската народна партија (ОВП) и Социјалдемократската партија на Австрија (СПО).
Новата влада утре треба да положи заклетва во Парламентот.
Претседателката на Неос и најверојатно идна министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер им се заблагодари на членовите на партијата за нивната поддршка за планот за приклучување кон коалицијата, истакнувајќи оти „ова е вистински историски момент“.
ОВП, СПО и Неос пред неколку дена го претставија коалицискиот договор. Новата австриска влада предводена од лидерот на ОВП, Кристијан Штокер, планира построги закони за миграција, поповолна даночна политика за просечните граѓани и најави континуитет во надворешната политика и политиката на ЕУ, што вклучува континуирана поддршка за Украина во одбраната од руската агресија.
Трите партии преговараа за коалиција по изборите во септември, но преговорите пропаднаа во февруари поради несогласувањата помеѓу СПО и Неос. Потоа мандатот за формирање влада го доби десничарската популистичка Партија на слободата на Австрија (ФПО), која исто така освои најмногу гласови на изборите во септември. Но преговорите помеѓу ФПО и ОВП пропаднаа поради несогласувања околу поделбата на надлежностите. Претседателот на Австрија, Александар ван дер Белен повторно ги повика ОВП, СПО и Неос да преговараат и поголема волја за компромис. ми/
фото: МИА архива