TECHMECH 2025 на Машинскиот факултет во Скопје, компании им нудат пракса и вработување на студентите
- -Уште од сега си ја определувате вашата иднина. Уште сте почетници, но кариерата се гради уште од сега. Најдобро е кога уште во првиот семестар ќе почнете да размислувате што и каде сакате да работите, што сакате да бидете. Во таа насока, слободно посетете ги поставените штандови на кои ќе можете да поразговарате со претставниците на компаниите и да видите која што нуди, им порача на студентите професорот Радмил Поленаковиќ кој го отвори Саемот.
- Post By Мирјана Чакарова
- 15:56, 8 tetor, 2025
Скопје, 8 октомври 2025 (МИА) - На Машинскиот факултет во Скопје денеска и утре се одржува Саемот за пракса и вработување TECHMECH 2025 што го организира Факултетското студентско собрание. На Самитот учествуваат 26 компании кои на студентите им нудат не само пракса, туку и вработувања.
-Уште од сега си ја определувате вашата иднина. Уште сте почетници, но кариерата се гради уште од сега. Најдобро е кога уште во првиот семестар ќе почнете да размислувате што и каде сакате да работите, што сакате да бидете. Во таа насока, слободно посетете ги поставените штандови на кои ќе можете да поразговарате со претставниците на компаниите и да видите која што нуди, им порача на студентите професорот Радмил Поленаковиќ кој го отвори Саемот.

Како што истакна Поленаковиќ, со TECHMECH 2025 Машинскиот факултет уште еднаш ја потврдува својата улога како мост помеѓу образованието и индустријата, создавајќи средина во која знаењето се претвора во реална можност.
Според деканот Златко Петрески, овие два дена Факултетот ќе се обиде да го зајакне она што го прави години наназад - врската меѓу студентите и индустријата, што продолжува да биде приоритет.
Во рамките на TECHMECH 2025 се предвидени бројни активности, работилници и панел дискусии.

-Еден панел е на тема „Квалитетен кадар – сигурна иднина“ и ќе се одржи денеска, а вториот „Индустрија – образование: зелени иновации и одржливи практики“ е закажан за утре. Преку изложбени штандови, работилници и презентации, студентите ќе имаат можност да воспостават директен контакт со компаниите, да се информираат за тековните програми за пракси и вработување, но и да научат повеќе за барањата и перспективите во инженерската професија, рече Поленаковиќ.
Саемот е отворен за сите студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, без разлика на факултетот, кои сакаат да се запознаат со компаниите, да најдат можности за пракса и да направат чекор поблиску кон својата иднина во индустријата и технологијата. Учествуваат компаниите Adient, Alkaloid, Amphenol, Draxlmaier, Fero Invest, Gentherm, Gerresheimer, Halkbank, Inter Construction, Johnson Matthey, Kentaur Impex – Iskra Kumanovo, Laminati Kom, LEAR Corporation, LTH, MAN, Mikrosam, OKTA, PwC, Rade Končar TEP, Road Legends, Skopska Pivara, Telamon, Triglav Osiguruvanje, Vardar Dolomit, VDL Van Hool и Wabtec.
Организатор на Саемот е Факултетското студентско собрание на Машинскиот факултет, во соработка со Машинскиот факултет – УКИМ, Центарот за кариера при УКИМ, ЦИЗИ и ЦИРКО. мч/дма/
фото: МИА