Љутков: Сите членови на комисиите се врвни професионалци, колку сме потранспарентни, толку ќе бидат помали притисоците
- Како што е транспарентен целиот процес, и објавувањето на годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес и критериумите кои што ги бараме, така одлучивме да ги објавиме и членовите на комисиите за оценување на пријавите. Сите членови се врвни професионалци во својата област, посочи денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Како што е транспарентен целиот процес, и објавувањето на годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес и критериумите што ги бараме, така одлучивме да ги објавиме и членовите на комисиите за оценување на пријавите. Сите членови се врвни професионалци во својата област, посочи денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Тој за време на неговата посета на Кинотека на Северна Македонија, одговорајќи на новинарско прашање, потенцираше дека имал состанок со членовите на комисиите, при што им било кажано дека ќе бидат изложени на одредени притисоци, но колку е поголема транспарентноста, толку ќе бидат помали притисоците.
- Бидејќи целиот процес е транспарентен, решивме да ги објавиме и членовите на комисиите, бидејќи тоа се и забелешките на Државниот завод за ревизија. На состанокот на сите им беше посочено дека можеби ќе бидат изложени на некакви притисоци. Што повеќе сме транспарентни, што повеќе сме отворени и независни во одлуките и имаме конкретни критериуми и точно знаеме што правиме, тогаш притисоците ќе бидат помали. После разговорот гледам никој не се откажа, никој немаше ништо против. Се надевам дека се ќе тече во најдобар ред. Ние сме тука како Министерство да ги заштитиме бидејќи тоа се врвни професионалци, рече Љутков.
На прашање кога ќе се распише конкурсот за креативни индустрии, министерот рече дека за многу брзо време ќе бидат објавени и другите конкурси.
- Вчера имав прв состанок со новиот Совет на култура на министерот, така што за многу брзо време ќе ги објавиме и другите конкурси, посочи Љутков. бт/бак/
Фото: МИА