• e diel, 01 shtator 2024

Фото-напонски панели за пет образовни институции во Струга и струшко

Фото-напонски панели за пет образовни институции во Струга и струшко

Струга, 26 јули 2024 (МИА) - Основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Екрем Јакупи“, „Јонче Крежески“, средното „Нико Нестор“ и детската градинка „8 Март“ во Струга ќе добијат фото-напонски панели во рамките на проектот „Поставување на фото-напонски панели на јавни објекти“, реализиран преку Центарот за развој на Југозападен плански регион.

Директорот на Центарот, Валон Каба информира дека панелите се монтирани во ПОУ „Екрем Јакупи“, ОУ „Браќа Миладиновци“ и СОУ „Нико Нестор“, а во тек се активности за поставување и во ПОУ „Јонче Крежески“. Потоа фото-напонски панели ќе бидат поставени и на детската градинка „8-ми Март“.

- Во објектите каде што ќе бидат поставени системите, значително ќе се намалат трошоците за електрична енергија, што директно влијае и врз намалување на штетните емисии на стакленички гасови, а со тоа се зголемуваат и мерките за заштита на животната средина. Интервенциите на јавните објекти ќе имаат значително влијание за развојот на регионот бидејќи ефектите од проектните резултати позитивно ќе влијаат на квалитетот на живот. Искористувањето на обновливи извори на енергија е многу важно за економијата на земјата, истакна Каба. 

Покрај петте објекти во Струга и струшко, тој информира дека во рамките на проектот опфатени се и два во општина Дебар, три во Македонски Брод и еден во општина Пласница. 

- Проектните активности се одвиваат паралелно во четирите општини, при што на 11 објекти од јавен карактер ќе бидат поставени фото-напонски системи за производство на електрична енергија, со вкупна моќност од 376,6 kWp, изјави Каба, нагласувајќи дека активностите на терен треба да завршат на почетокот на август.

Вкупната вредност на проектот „Поставување на фото-напонски панели на јавни објекти“ изнесува 13 милиони денари, од кои шест милиони се предвидени за општина Струга. Проектот е финансиран од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа односно Бирото за регионален развој. сс/сст/

 

 

QËNDRONI TË LIDHUR