Финансова поднесе кривична пријава против директор и раководител на ЈКП „Брегалница“ Делчево, го оштетиле буџетот на претпријатието за 7,6 милиони денари
- Првопријавениот С.С., во својство на директор на ЈКП „Брегалница“ – ПО Делчево, во периодот од 2019 до 2023 година, со пропуштање на должниот надзор, постапил несовесно во вршењето на своите овластувања и должности, на начин што не иницирал и не дал налог за изготвување тужби за парични побарувања од физички и правни лица по основ на користени услуги, потрошена вода, подигнат смет и закуп на простории од ЈКП „Брегалница“ – ПО Делчево, поради што настапила застареност на паричните побарувања, со што претпријатието било оневозможено да изврши нивна наплата.
Скопје, 15 декември 2025 (МИА) - Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Делчево поднесе кривична пријава против С.С., во својство на директор на Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ – ПО Делчево, и против М.К., во својство на раководител на сектор во ЈКП „Брегалница“ – ПО Делчево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“ од член 353-в став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Првопријавениот С.С., во својство на директор на ЈКП „Брегалница“ – ПО Делчево, во периодот од 2019 до 2023 година, со пропуштање на должниот надзор, постапил несовесно во вршењето на своите овластувања и должности, на начин што не иницирал и не дал налог за изготвување тужби за парични побарувања од физички и правни лица по основ на користени услуги, потрошена вода, подигнат смет и закуп на простории од ЈКП „Брегалница“ – ПО Делчево, поради што настапила застареност на паричните побарувања, со што претпријатието било оневозможено да изврши нивна наплата.
Второпријавениот М.К., во својство на раководител на Секторот за општи, правни и финансиски работи, а подоцна и на Секторот за општи и правни работи во ЈКП „Брегалница“ – ПО Делчево, иако бил должен, не воспоставил соодветен систем на интерна контрола и редовно не доставувал предлози за поведување постапки за присилна наплата на ненаплатените побарувања до директорот на претпријатието.
Со горенаведените дејствија, како што информираат од Управата за финансиска полиција, причинета е штета на Буџетот на ЈКП „Брегалница“ – ПО Делчево во вкупен износ од 7.588.894 денари. аа/вј/
Фото: МИА архива