• e martë, 25 shkurt 2025

Трамп: Работиме на договор со Путин; Макрон: Мирот мора да биде одржлив

Трамп: Работиме на договор со Путин; Макрон: Мирот мора да биде одржлив

Вашингтон, 24 февруари 2025 (МИА) - Американскиот претседател Доналд Трамп, на заедничката прес-конференција со неговиот француски колега Емануел Макрон во Белата куќа, изјави дека неговиот тим постојано комуницира со рускиот претседател Владимир Путин во обид да постигнат мировен договор за Украина.

- Мојот живот е посветен на договори, тоа е сè што знам, рече Трамп, додавајќи дека знае кога некој навистина сака да склучи договор.

Тој потсети дека еден од првите телефонски повици што ги остварил по доаѓањето на функцијата бил со рускиот претседател Владимир Путин, повторувајќи ја својата неодамнешна изјава дека рускиот лидер сака крај на војната.

Според него, работата на договорот е во тек, и иако би претпочитал директен договор, примирје би можело да се постигне побрзо.

На новинарско прашање за Путин, Макрон изјави дека подолго време не разговарал со рускиот лидер, но со новата администрација во САД гледа „нов контекст“ и „можност за повторно вклучување“ во дипломатските напори.

- Единствениот начин да се осигураме дека мировниот договор ќе биде почитуван е да бидеме силни и да имаме капацитети за одвраќање, изјави Макрон.

Трамп, пак, повторно нагласи дека војната во Украина не би започнала доколку тој бил претседател.

- Навистина верувам дека Путин сака да постигне договор. Можеби грешам, но верувам во тоа, рече Трамп, додавајќи дека потоа рускиот претседател би можел да ја води Русија „на многу позитивен начин“.

Осврнувајќи се на денешната средба во Белата куќа, Макрон истакна дека разговорите со Трамп покажале „неколку области на напредок“.

- Работиме на предлог за план на акција што ќе биде прифатлив за Украина, рече францускиот претседател, нагласувајќи дека е важно што Трамп наскоро ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да договорат услови за ретките минерали.

Двајцата лидери разговарале и за тоа како да се постигне „мерливо примирје и мир“ меѓу Украина и Русија, при што Макрон нагласи дека ниту тој ниту Трамп не сакаат „кревок договор“.

- Клучната промена е што САД покажуваат волја да помогнат и да обезбедат солидарност“, додаде Макрон.

На крајот од прес-конференцијата, Трамп му се заблагодари на Макрон за посетата во Белата куќа.

- Ќе се видиме повторно наскоро… ќе го решиме ова, ќе го завршиме, рече Трамп.

Двајцата лидери потоа се ракуваа и се прегрнаа пред да ја напуштат сцената. ссм/

фото: ЕПА

QËNDRONI TË LIDHUR