Студиски ден на Институтот за национална историја: За Пулевски македонскиот јазик, македонскиот народ, македонската земја, се нешто посебно
- За Ѓорѓија Пулевски нема сомнеж дека македонскиот јазик, македонскиот народ, македонската земја, се нешто посебно од сите други словенски балкански, небалкански народи, јазици и култури. Јазикот е негова преокупација, исто како историјата, идентитетот и воопшто Македонија и македонскиот народ. Историјата тој ја сфаќа како еден од основните елементи на националниот идентитет, и историјата и јазикот и етнографијата. Ова беше истакнато денеска на предавањата во рамки на 11. студиски ден на Институтот за национална историја, на тема „Ѓорѓија Пулевски за историјата и за јазикот“, по повод 150-годишнината од „Речникот од три јазика“, објавен во Белград.
Скопје, 16 декември 2025 (МИА) - За Ѓорѓија Пулевски нема сомнеж дека македонскиот јазик, македонскиот народ, македонската земја, се нешто посебно од сите други словенски балкански, небалкански народи, јазици и култури. Јазикот е негова преокупација, исто како историјата, идентитетот и воопшто Македонија и македонскиот народ. Историјата тој ја сфаќа како еден од основните елементи на националниот идентитет, и историјата и јазикот и етнографијата. Ова беше истакнато денеска на предавањата во рамки на 11. студиски ден на Институтот за национална историја, на тема „Ѓорѓија Пулевски за историјата и за јазикот“, по повод 150-годишнината од „Речникот од три јазика“, објавен во Белград.
Проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска, координатор на студиските денови на Институтот, рече дека поводот за предавањата е „Речникот од три јазика“, но во суштина малку ја прошириле темата, сакајќи да ја опфатат и личноста на Ѓорѓија Пулевски.

- Ја ставивме и историјата како поим, бидејќи јас ќе зборувам за тој дел. Историјата тој ја сфаќа како еден од основните елементи на националниот идентитет, и историјата и јазикот и етнографијата. Тука повеќе ќе се задржам на славјанско-македонската општа историја, каде тој на повеќе од 1.700 страници, тоа е огромен ракопис, пишува за македонската историја. Неговата основна цел е презентација на македонската историја со мотив дека досега не е напишано доволно за македонската историја и дека тој ја пишува првата македонска историја, што во основа и не е неточно, бидејќи иако надвор од високо образовните институции го вбројуваме во основоположниците на македонската историографија токму со оваа негова славјанско-македонска општа историја. Инаку таа е целосно првпат објавена, посочи проф. д-р Ристовска-Јосифовска.
Потенцира дека ја објавиле во 2003 година и се надева дека ќе предизвика повеќе интерес отколку досега.
- Таму има главно историја, тоа е историографија и историја, потоа има еден дел за етнографија на целиот балкански простор, меѓутоа вклучително и македонскиот народ и македонскиот етникум и има трет дел за јазикот, своевидна граматика, така што има многу што за проучување, додаде проф. д-р Ристовска-Јосифовска.
Проф. д-р Лилјана Гушевска, културен историчар и лингвист, македонист, имаше предавање во вториот дел и тоа за Пулевски за јазикот.
Таа рече дека нејзиниот интерес за Пулевски не само во оваа пригода, туку и претходно е насочен кон неговото сваќање за литературниот јазик, всушност од потребата да се има одделен македонски литературен јазик. Од Пулевски, потенцира таа, ние ја следиме онаа линија на македонистите кои веќе не ги застапуваат идеите за некаков заеднички литературен јазик, туку кај нив преовладува свеста дека Македонците како одделен народ треба да имаат и свој одделен литературен јазик.
Појасни дека кај Пулевски таа идеја е постојано присутна и затоа независно од фактот што е тој самоук, што нема некакво големо формално образование сепак настојува во речиси сите свои пројави писмени да го опфати и прашањето за јазикот, за граматиката, да даде некаков свој дури и наивен опис на јазичните факти.
- Тоа го прави и во Слогница речовска и во неговата необјавена јазичница и во славјано-македонската општа историја, но и тука во овој речник од три јазика. Но, тоа што е исто така многу интересно тука, можеби само делумно, но многу е важно што го зафаќа прашањето за најстариот словенски литературен јазик, старословенскиот и за него е јасно дека тој е јазикот на Светите Кирил и Методиј, оној јазик на кој тие ги преведувале богослужбените книги, тоа е јазикот што и тој самиот го зборува. Тој ја согледува врската меѓу својот јазик и јазикот на Кирил и Методиј, што значи дека за него е јасно, не само за него, се обидувам да направам паралели и со други наши дејци кои се свесни дека токму тој најстар литературен јазик во основата ги имал македонските говори, конкретно говорите на македонските словени од околината на Солун, рече проф. д-р Гушевска.
Таа истакна дека тоа негово сваќање во однос на најстариот словенски литературен јазик се обидува да го поврзе и со познатите слависти кои ја застапуваат познатата македонска теорија дека во основата токму на старословенскиот јазик се наоѓа јазикот на македонските словени од околината на Солун.

- Во таа смисла мислам ја Ватрослав Јагиќ, но и на неговиот ученик или студент Ватрослав Облак, кој на своите теренски истражувања кои ги извел на почвата на Македонија во почетокот на 90-тите години од 19 век всушност ја докажал таа македонска теорија. Исто така се осврнувам делумно и на ставовите на Николај Дурново, познат руски лингист, славист и голем застапник за правата на Македонците. Всушност кај него е многу јасна свеста дека Македонците се одделен народ и тој во текот на целиот свој живот ја застапувал таа теза дека Македонците не се ниту Бугари, ниту Срби и имаат прво на свој сопствен развиток, дека имаат свој јазик и меѓудругото тој ги изделува и основните особености на тој прв словенски литературен јазик, рече проф. д-р Гушевска.
Во тој контект, посочи таа, интересно е да се согледа и нашиот Пулевски, од една страна тие академски расправи кои подоцна се случиле и неговата свест, би рекле, несомнено јасна македонска национална свест, можеме слободно да кажеме во една современа смисла.
- За него нема сомнеж дека македонскиот јазик, македонскиот народ, македонската земја, се нешто посебно од сите други словенски балкански, небалкански народи, јазици и култури, додаде проф. д-р Гушевска. рп/са/
Фото: МИА