Специјалното возило на Армијата вклучено во гаснењето на пожарот во Чаир
- Специјалното противпожарно возило на Армијата веќе е на терен и вклучено во гаснењето на пожарот што избувнал ноќеска во подрумски простории во зграда во скопски Чаир. Информацијата за МИА ја потврди директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) - Специјалното противпожарно возило на Армијата веќе е на терен и вклучено во гаснењето на пожарот што избувнал ноќеска во подрумски простории во зграда во скопски Чаир. Информацијата за МИА ја потврди директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
Претходно, ЦУК информираше дека гаснењето на пожарот се одвива отежнато поради големата количина на чад и високата температура во подрумите во кои била складирана поголема количина на запаливи материјали.
Во гаснењето на пожарот вклучени се и поголем број прожарникари и противпожарно возила.
Дел од медиумите објавија дека се опожарени простории кои се користеле како магацински простор од страна на фирма во кој имало големо количество пластични производи.
Вкупно 43 лица беа хоспитализирани од кои на Клиниката за токсикологија биле примени 31 пациент, а пет од нив се задржани на болничко лекување. На Детската клиника биле примени 12 деца, од кои две се задржани на лекување. Сите пациенти се во стабилна состојба.
Пожарот избувнал ноќеска во подрумски простории во зграда на улицата „Серава“, а во СВР Скопје е пријавен во 01:55 часот. бак/дма/
Фото: ЦУК