• e premte, 14 mars 2025

Со 350 000 долари 11 општини ќе реализираат технички документации за нови проекти

Со 350 000 долари 11 општини ќе реализираат технички документации за нови проекти

Скопје, 13 март 2025 (МИА) - Единаесет општини во Македонија ќе добијат грантови во вкупен износ од 350 000 американски долари од Фондот за техничка документација (ФТД) за изработка на техничка документација за нови проекти. Градоначалниците на Градско, Крушево, Македонски Брод, Новаци, Пехчево, Студеничани, Теарце, Чашка, Чаир, Охрид и Штип денеска потпишаа договори кои ќе им помогнат во зајакнување на капацитетите на локалните самоуправи.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на настанот по повод потпишувањето на договорите истакна дека овој проект е од исклучително значење за помалите општини кои се соочуваат со ограничени човечки ресурси, недостаток на квалитетни проектни идеи и неподготвена документација.

-Несомнено, ова е инвестиција во развојот и иднината на општините, во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и во одржлив економски развој. Со оваа иницијатива правиме значаен чекор напред во создавањето на пофункционални, поконкурентни и поодржливи локални заедници. Продолжуваме посветено да работиме во насока на зајакнување на општинските капацитети, бидејќи силни општини значат силна држава, рече министерот.

Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џаин, потенцираше дека Шведска останува посветен поддржувач на македонските евроинтеграции.

-Секое 1 евро вложено во Фондот за техничка документација мобилизираше дополнителни 5 евра финансирање за изградба на конкретни инфраструктурни проекти во општините, во вкупен износ од 16 милиони евра за целосна изведба на 23 општински инфраструктурни и развојни проекти. Ова е само мал дел од неговиот целосен потенцијал, кој ќе може да се искористи само доколку има посветеност и сопствеништво од локалните и националните институции, рече таа.

Постојаниот претставник на Обединетите нации, Армен Григорјан, најави дека до крајот на тековната втора фаза на проектот ќе се инвестираат околу 3 милиони американски долари во подготовка на над 130 комплети техничка документација.

-Досега проектот има поддржано 90 вакви комплети. Задоволни сме што на основа на овие проекти општините реализирале финансирање на многу од нив преку различни национални и меѓународни механизми за финансирање, посочи Григоријан.

Директорот за Бирото за регионален развој, Даут Мемиши, изрази благодарност до сите партнери кои придонесоа за успешното спроведување на овој процес и информираше дека општините веќе активно работат на собирање на потребните податоци.

-Оваа платформа овозможува транспарентен и ефикасен процес на доделување на средствата а нејзината функционалност ја прави вреден ресурс за идни иницијативи. Подготовката на техничката документација за 11 избрани проекти е веќе во напредна фаза, а општините активно работат на собирање на потребните податоци. Овој процес не само што ќе овозможи успешно реализирање на проектите, туку ќе ја зајакне стручната способност на општинските тимови, зголемувајќи ги нивните капацитети за управување со идни инвестиции, истакна Мемиши.

Проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации - УНДП со финансиска поддршка на Шведска и Бирото за регионален развој, а партнери во проектот се Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС. ар/нд/

Фото: МЛС

QËNDRONI TË LIDHUR