Совет на ЈО: Со вчерашниот оглас на Судски совет не се почитуваат проекциите за 8-та генерација на Академијата за судии и јавни обвинители
- Димитриеска, исто така, посочи дека со огласот за избор на судии што Судскиот совет го објави во текот на вчерашниот ден (избор на 35 нови судии) не се почитуваат направените проекции за 8-мата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители и се прави упад во јавнообвинителската функција, со оглед дека од оваа генерација се останати неизбрани 20 академци, од кои 19 според проекциите се за јавни обвинители. - Советите мора да ги почитуваат проекциите што ги направиле за слушатели на Академијата. Затоа сметам дека треба да се известат институциите за оваа состојба, изјави Димитриеска.

Скопје, 12 март 2025 (МИА) - Советот на јавни обвинители денеска на седница донесе одлука за објавување на оглас за избор на 19 јавни обвинители низ повеќе Основни јавни обвинителства низ државата.
Претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска рече дека според проекциите за 8-мата генерација на Академијата се објавува оглас за избор на по двајца јавни обвинители во ОЈО Куманово, ОЈО Прилеп и ОЈО Кичево, како и по еден јавен обвинител во ОЈО Скопје, ОЈО Крива Паланка, ОЈО Велес, ОЈО Битола, ОЈО Охрид, ОЈО Ресен, ОЈО Струга, ОЈО Гостивар, ОЈО Тетово, ОЈО Штип, ОЈО Радовиш, ОЈО Кочани и ОЈО Струмица.
Димитриеска, исто така, посочи дека со огласот за избор на судии што Судскиот совет го објави во текот на вчерашниот ден (избор на 35 нови судии) не се почитуваат направените проекции за 8-мата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители и се прави упад во јавнообвинителската функција, со оглед дека од оваа генерација се останати неизбрани 20 академци, од кои 19 според проекциите се за јавни обвинители.
- Советите мора да ги почитуваат проекциите што ги направиле за слушатели на Академијата. Затоа сметам дека треба да се известат институциите за оваа состојба, изјави Димитриеска.
Советот на ЈО, посочи Димитриеска, за ова ќе реагира до надлежните институции - Министерството за правда, Академијата за судии и јавни обвинители и ЈОРСМ.
Уверенија за успешно завршена обука од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во февруари годинава добија вкупно 97 кандидати од 8-мата генерација слушатели, од кои според проекциите 50 се судии, а 47 јавни обвинители.
Советот во февруари годинава објави оглас за избор на вкупно 47 јавни обвинители низ повеќе Основни јавни обвинителства на територија на целата држава. Од вкупно пријавени 39 кандидати, еден имал неуредна документација, а петмина кандидати ги повлекле своите пријави.
Ниту еден кандидат не се пријавил на огласот за избор во ОЈО Велес, ОЈО Гостивар, ОЈО Кочани, две ОЈО Кичево, ОЈО Крива Паланка, ОЈО Радовиш, ОЈО Ресен и ОЈО Струга.
На седница на 7 март годинава Советот донесе одлука за избор на 28 јавни обвинители и тоа 15 во ОЈО Скопје, тројца во ОЈО Тетово, по двајца во ОЈО Куманово, ОЈО Прилеп и ОЈО Штип, по еден во ОЈО Битола, ОЈО Гевгелија, ОЈО Охрид, ОЈО Струмица.
Новоизбраните 28 јавни обвинители од 8-мата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители денеска дадоа свечена изјава пред Советот на јавните обвинители. аа/бак/
Фото: МИА