• e martë, 16 dhjetor 2025

Советот за превенција на Струмица расправаше за надминување на проблемот со загадувањето на воздухот во Струмица

Советот за превенција на Струмица расправаше за надминување на проблемот со загадувањето на воздухот во Струмица

Струмица, 15 декември 2025 (МИА) - Во последните години зголемен е бројот на респираторни заболувања кај сите возрасти во Струмица, истакна Мери Николова Гичева, директорка на Центарот за јавно здравје во Струмица, на денешната прва седница на Локалниот совет за превенција на која се дискутираше за проблемот со аеро загадувањето во Општината.

Според неа, покрај климатските промени, во последните години во Струмица ја нема и познатата „ружа на ветрови“ заради непланската изградба во одредени делови на градот, а таа очекува идната година да се зголеми бројот на респираторни заболувања.

Според Ѓорѓи Танушев од Еколошкото здружение „Здрава котлина“, Струмица е на високото трето место според респираторните заболувања веднаш по Битола и Кичево, каде работат големи енергетски комбинати и зачудувачки е што во градот каде нема таква индустрија да има таква појава, а загадувањето го има и во летните месеци.

-Што е со 1.800 тони петрол кокс кој се согорува во Струмица. Ако 1.800 тони ги поделиме годишно излегува дека за 360 денови дневно се се гори по 5 тони петрол кокс. Ако на ова ги споредиме со податоците на изразено нвио на сулфур диоксид во Струмица во однос на сите други градови кој го надминува и Битола, а за Скопје да не правиме муабет, имаме проблем каде покрај домаќинствата и горењето на земјоделскиот отпад загадува и индустријата, која кај нас никој никој не сака да ја чепне, рече Танушев.

Од презентираната анализа за загадувачите на воздухот во Струмица, најголемо учество во загадувањето има согорувањето на биомасата, која на годишно ниво учествува со 35 отсто и во зимскиот период ги надминува дозволените гранични лимити. Втор извор на загадување е сообраќајот, се наведува во анализата која лани ја изработи акредитираната лабараторија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Оваа актуелна тема за разгледување на Локалниот совет за превенција беше иницирана од градоначалникот Петар Јанков.

-Заеднички заклучок е дека во југоисточниот дел на градот има најголемо загадување и во периодот којшто доаѓа треба да се преземат одредени мерки. Тоа загадување не е ново и во последните години се зголемува и треба да најдеме долгорочно и системско решение. Беа наведени и дел од мерките коишто ќе ги преземеме, како што е субвенционирање на клима инвертери со донации и вклучување на јавните институции во надминувањето на овие проблеми. Инаку, нашите општински инспектори се секојдневно на терен, вршат вонредни инспекциски надзори во соработка со СВР Струмица и имаат поднесено соодветни пријави, дури и кривична пријава за одредени несовесни граѓани кои вршат загадување и овие надзори на инспекторите ќе продолжат и во следниот период, рече градоначалникот Јанков.

Беше истакнат и проблемот со дивите депонии, но и потребата од подигање на претоварни станици за собирање на земјоделскиот отпад, пред се најлонот од пластениците, кој по употребата се фрла на несоодветни места или се гори.

На денешната прва конференција на Советот за превенција во новиот состав присуствуваа поголем број претставници од сите релевантни општински и државни институции, претседателот и членови на Советот на Општината и претставници на граѓански здруженија кои расправаа по единствената и главна тема на конференцијата – квалитетот на амбиентниот воздух и мерките и активностите кои се преземени и коишто ќе се преземаат во иднина за да се спречи аерозагадувањето во Струмичката котлина. рт/вј/

Фото: МИА

QËNDRONI TË LIDHUR