• e mërkurë, 18 shkurt 2026

Собраниска делегација во Брисел на состаноци на ПС на НАТО

Собраниска делегација во Брисел на состаноци на ПС на НАТО

Брисел, 17 февруари 2026 (МИА) - Делегација на Собранието, предводена од Драган Ковачки, во чиј состав се и Славјанка Петровска и Илир Хасани, учествува во Парламентарното собрание на НАТО во рамките на традиционалните февруарски состаноци, на кои седници одржуваат повеќе комитети на ПС на НАТО.

Како што соопшти собраниската прес-служба, на состаноците предвидено е учество само за постојаните делегации од националните парламенти на земјите членки на НАТО, со главна цел продлабочување на дијалогот во НАТО-институциите, размена на искуства и анализирање на актуелните безбедносни предизвици и јакнење на солидарната сојузничка одбрана.

На состанокот со Северноатлантскиот совет, со кој заеднички претседаваа претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Маркос Перестрело, и заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, учествуваа шефовите на националните парламентарни делегации.

Во обраќањата и дискусиите, како што се наведува во соопштението, било истакнато дека НАТО, соочен со безбедносни предизвици, останува камен-темелник и гарант на колективната одбрана и заедничките демократски вредности, а посветеноста на земјите членки содржана во договорот од Вашингтон и понатаму ќе ги чува граѓаните безбедни.

- Обврските од sамитот на НАТО во Хаг се историски во контекст на јакнењето на aлијансата, а сега, во предвечерието на самитот на НАТО во Анкара, тие треба да се финализираат со највисока стапка на реализација. Беше истакнато дека и покрај разликите во текот на децениите, Европа и Северна Америка успеваат да најдат заеднички јазик за отворените прашања. Парламентарците се согласија да продолжат со поддршката за Украина и да работат заедно на мировен договор со цврсти гаранции и спречување на идни деструктивни дејства - се вели во соопштението.

За време на состаноците во комитетите биле дискутирани прашања поврзани со одбраната и безбедноста на секој метар од евро-атлантскиот простор, руските и кинеските предизвици по евро-атлантската безбедност, хибридните закани и НАТО во контекст на стратешко планирање, НАТО-партнерствата како витален и важен дел од политиката на алијансата, визиите кон НАТО 2035, како и за напорите на ЕУ и НАТО во развој на одбранбената индустрија и безбедносните капацитети и улогата на парламентот во процесите на одлучување. Се разговарало и за состојбата со безбедносните ризици во Европа, стратешките приоритети на алијансата и важноста на колективната одбрана во контекст на новите глобални предизвици.

- Парламентарците имаа можност да се вклучат во директна дебата со повеќе истакнати и реномирани говорници, а им се обратија и белгискиот министер за одбрана и надоврешна трговија, Тео Франкен, заменик-генералниот секретар на НАТО, Џејмс Апатураи, и заменик-шефот на НАТО-претставништвото во Украина, Петер Хауге Берг - се наведува во соопштението.

Учеството на делегацијата на овој настан, се додава во соопштението, претставуваше значајна активност во зајакнувањето на парламентарната дипломатија и поддршката за реформските чекори во глобалните динамични процеси, кои се од суштинско значење за нашата земја како членка на НАТО. ац/са/

Фото: Собрание

GJITHASHTU MUND TË Pëlqejë

QËNDRONI TË LIDHUR