Словенечката Левица предлага референдум за планот на Владата да зголеми трошоци за одбрана на 2 отсто
- Парламентарната комисија за одбрана вчера одобри план за зголемување на трошоците за одбрана на 2 проценти од БДП оваа година.
Љубљана, 10 јуни 2025 (МИА) - Словенечката партија Левица што е дел од владината коалиција, предлага консултативен референдум за плановите на владата да ги зголеми трошоците за одбрана на 2 проценти од БДП оваа година и над таа бројка во иднина, јави СТА.
Левица соопшти дека немало јавна дебата за ова прашање.
Парламентарната комисија за одбрана вчера одобри план за зголемување на трошоците за одбрана на 2 проценти од БДП оваа година.
Нов план за одбранбената и безбедносната политика на Словенија беше презентиран минатиот месец. Тој предвидува земјата да ги зголеми своите трошоци за одбрана за да ја исполни целта на НАТО од 2 проценти од БДП до крајот на 2025 година, пет години пред предвидениот рок. Трошењето ќе се зголемува за 0,2 процентни поени годишно по 2025 година, се додека не достигне 3 проценти од БДП во 2030 година „и ќе остане на тоа ниво до крајот на долгорочниот период на развој“, според новиот план за одбрана и безбедност.
Словенија долго време е критикувана дека не троши доволно за одбрана и е на дното на листата на трошења на НАТО. Лани, земјата потроши 1,37 проценти од БДП за одбрана, според официјалните бројки на НАТО, само малку повеќе отколку во претходните години. зш/