Сиљановска-Давкова прими делегација на Стопанската комора на Северозападна Македонија
- Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими делегација на Стопанската комора на Северозападна Македонија, предводена од претседателот на Комората, Менди Ќура.

Скопје, 19 февруари 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими делегација на Стопанската комора на Северозападна Македонија, предводена од претседателот на Комората, Менди Ќура.
Сиљановска-Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, била информирана за дведецениската работа на Комората, проблемите и предизвиците со кои се соочува бизнис заедницата, како и за можностите за подобрување на деловното опкружување.
Според претставниците на Комората, како што се наведува во соопштението, нема економски напредок без владеење на правото и беспоштедна битка против корупцијата и елиминирање на сивата економија.
Тие укажале дека недостатокот на работна сила наместо со увоз на работници од странство, треба да се решава системски, преку промени во образовниот процес со коишто ќе се обезбеди квалификувана домашна работна сила.
Претседателката Сиљановска-Давкова укажала на потребата од инклузивен и транспарентен законодавен процес во којшто ќе бидат вклучени сите засегнати страни, меѓу кои и стопанските комори.
Според неа, и претставници на бизнис секторот треба да учествуваат во меѓудржавните посети.
Претставниците на Комората ја поздравиле иницијативата на претседателката за формирање Национален совет за соработка со дијаспората и изразиле подготвеност за учество во неговата работата. дма/бак/
Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова