Се збратимија Атина и Шангај
- Градоначалниците на Атина и Шангај Харис Дукас и Женг Гонг, денеска потпишаа договор за збратимување на двата града, со што дополнително ќе се продлабочи соработката во повеќе области како што се туризмот, културата, спортот, претприемништвото и иновациите, образованието, климатската криза, отпорноста и одржливоста, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 23 јануари 2025 (МИА) – Градоначалниците на Атина и Шангај Харис Дукас и Женг Гонг, денеска потпишаа договор за збратимување на двата града, со што дополнително ќе се продлабочи соработката во повеќе области како што се туризмот, културата, спортот, претприемништвото и иновациите, образованието, климатската криза, отпорноста и одржливоста, јави дописничката на МИА од Атина.
Двата града досега имаат потпишано четири меморандуми за соработка во периодот од 2009 до 2017 година, а со збратимувањето, како што информираа од општина Атина, односите меѓу Атина и Шангај, кои се одлични, дополнително ќе се развиваат.
Градоначалникот на Атина Дукас посочи дека „Шангај и Атина, Кина и Грција се два региони со важен геостратешки карактер“ и изрази убеденост дека, „посветени на меѓународната соработка, единственото нешто што нè разделува е растојанието“, додавајќи дека се стремат со заеднички активности да ја надминат оваа пречка.
- Нашите два града ги поврзува вековна културна традиција, блиски трговски, економски и бизнис односи, кои создаваат цврста основа за развој и просперитет на нашите пошироки региони. Нашата заедничка цел е да ги зајакнеме нашите врски. Ги покануваме кинеските пријатели да ја посетат Грција и да го искусат уникатното атинско искуство. Одблиску да ги запознаат спомениците на светското културно наследство, но и современото грчко културно творештво, кое гради мостови меѓу нашите народи, порача Дукас.
Градоначалникот на Шангај Гонг истакна дека „откако беа воспоставени пријателски размени меѓу Шангај и Атина во 2009 година, остварена е обемна и прагматична соработка во многу области и се постигнати позитивни резултати“.
- Имајќи го како нова почетна точка збратимувањето на нашите два града, ние сме подготвени дополнително да ги продлабочиме размените и интеракциите помеѓу градовите, да постигнеме уште повисоко ниво на заемна корист и вин-вин резултати, да се стремиме кон поголем просперитет за народите и заеднички да ги промовираме пријателските размени и соработки меѓу Шангај и Атина на ново ниво, рече градоначалникот на кинескиот град. ср/сд/
Фото: Општина Атина