Семејство од Кавадарци јавно реагира дека е мета на кражби
- Семејството Толеви од Кавадарци јавно реагира дека е мета на кражби, дека крадци неколку пати ја нападнале нивната фамилијарна куќа во селото Марена и им однеле дел од покуќнината. Станува збор за најблиски роднини на војникот Блашко Толев, кој го загуби животот на 20 години на Тетовското кале, за време на воениот конфликт од 2001 година, само неколку дена од завршувањето на својата редовна воена обврска.

Кавадарци, 20 февруари 2025 (МИА) - Семејството Толеви од Кавадарци јавно реагира дека е мета на кражби, дека крадци неколку пати ја нападнале нивната фамилијарна куќа во селото Марена и им однеле дел од покуќнината. Станува збор за најблиски роднини на војникот Блашко Толев, кој го загуби животот на 20 години на Тетовското кале, за време на воениот конфликт од 2001 година, само неколку дена од завршувањето на својата редовна воена обврска.
- Со сопругот и децата живееме во Кавадарци, во куќата во Марена постојано е свекорот и татко на Блашко, кој е слеп, а ние редовно го посетуваме. Веќе неколку пати крадци влегуваат во куќата во Марена. Некои од случаите ги пријавивме во полиција, некои не, бидејќи изгубивме верба дека крадците ќе видат фатени. Стравуваме најмногу за свекорот. Размислуваме и да ја продадеме куќата, па да го земеме со нас во градот, иако станот е мал, реагираше Весна, снаа за брат на војникот Толев.
Последниот пат, станувало збор за двајца крадци, така барем распознал по гласовите, слепиот човек.
Толева јавно побара поголема безбедност, разоткривање на кражбите и санкционирање на крадците.
На прашања од МИА, од Секторот за внатрешни работи Велес известија дека во ОВР Кавадарци од страна на кавадарчанецот К.Т.(47), има пријавено извршени две кривични дела кражба по член 235 став 2, што се гонеле по приватна тужба, поради начинот на извршување и материјалната штета.
- На ден 31.12.2021 во 10.10 часот во ОВР Кавадарци дошол и пријавил дека во временскиот период од 19/20.12.2021 од страна на НН сторител од куќата на неговиот родител во село Марена, од просторија која не била обезбедена, одземени се 2 секири и дел од чешмата во купатилото, комплет филџани, две плочи од дрвен шпорет и неколку пара стари чевли, појаснија од СВР Велес.
Како што одговорија од Секторот за внатрешни работи, имале евидентирано и друга пријава од истото семејство.
-На ден 26.03.2024 во 13.30 часот во ОВР Кавадарци се јавил и пријавил дека во периодот од пред околу месец и половина, од страна на НН лице преку необезбедена врата, влезено е во куќата во село Марена и се одземени 6 теписи, 2 стази, 4 мали столчиња и кујнски прибор. Извршен бил увид од страна на увидна екипа од ОВР Кавадарци и се преземаат мерки за расчистување на настанот, се вели во писмениот одговор до МИА.
Според статистичките податоци, во текот на 2024 година во СВР Велес за целото подрачје, пријавени биле вкупно 220 кривични дела по член 236 (тешка кражба), за кои до ОЈО Велес поднесени биле 71 кривична пријава, против 139 сторители.
- Пријавени се вкупно 111 кривични дела по член 235 став1 ( кражба), за кои до ОЈО Велес, поднесени се 41 кривични пријави против 104 сторители. Само на подрачјето на општина Кавадарци, во текот на 2024 година во ОВР Кавадарци пријавени се 60 кривични дела по член 236 за кои до ОЈО Кавадарци, поднесени се 18 кривични пријави, против 41/83 сторители и пријавени се 63 кривични дела по член 235 за кои до ОЈО Кавадарци, поднесени се 25 кривични пријави, против 68 сторители, одговорија од СВР Велес.
Толева рече дека недовербата во системот во државата е уште една од причините за иселувањето на населението во други земји. свд/мч/
Фото : МИА