• e premte, 27 qershor 2025
Shqip
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Свидетелства за дооформено основно образование добија 25 возрасни лица од Кочани

Свидетелства за дооформено основно образование добија 25 возрасни лица од Кочани

Кочани, 17 април 2025 (МИА) - На свеченост што се одржа во локалната самоуправа на Кочани денеска на 25 возрасни лица им беа доделени свидетелства за дооформено основно образование, во рамки на проектот за дообразување што во текот на 2024 година го спроведе невладината организација „Ромалитико“. 

Свидетелствата им ги врачи в.д градоначалникот Венко Крстевски, а беше нагласено дека проектот се реализира втора година по ред и е влезен во Програмата за социјална, детска и здравствена заштита на Општина Кочани. 

Лицата без основно образование, кои главно се од ромска етничка припадност, покажале голем интерес за дооформување на образовниот статус откако во 2023 година свидетелства добиле 12 возрасни граѓани.

-За потребите на проектот, заедно со „Ромалитико“, минатата година обезбедивме 400 илјади денари со што овозможивме основното образование да го комплетираат двојно повеќе лица. Во програмата за 2025 година повторно се планирани средства за оваа намена и очекуваме таа да се реализира до крајот на годината. Со оформување на основното образование ќе можеме да ги вклучиме во програмата за општинско корисна работа и да заработуваат, наместо единствен приход да им е социјалната помош, истакна Аника Горгиева Илијевска од Одделението за јавни дејности на Општина Кочани.

Од здружението „Ромалитико“ истакнаа дека со комплетирањето на основното образованието овие лица се поконкурентни на пазарот на труд и можат да обезбедат редовно вработување.

-Според официјалните податоци со кои располагаме, од околу 10 илјади невработени Роми на ниво на држава, кои се пријавени во Агенцијата за вработување, дури 90 % го немаат дооформено или воопшто немаат основно образование. Во претходниот период овој проект го реализиравме во 20 општини во државата, а минатата година вклучена беше само општина Кочани. Исто така, освен докомплетирање на основното образование, за неколку лица беше реализирана и обука за инсталатери на фотоволтаични панели и за негуватели на стари лица, за што тие денеска добија и соодветни сертификати, истакна Елвис Шакири, извршен директор на „Ромалитико“.

На свеченоста за доделување на свидетелствата беше нагласено дека голем проблем е што дооформувањето се одвива по старата програма до осмо одделение, а по воведувањето на деветолетката потребно е Министерството за образование и наука треба да изготви нова програма. Со тоа проектот во наредниот период ќе може да ги опфати и лицата родени 2002 година и подоцна.та/са/

Фото: МИА

GJITHASHTU MUND TË Pëlqejë

QËNDRONI TË LIDHUR