• e premte, 21 mars 2025

Самит на ЕУ: Утврдени јасни цели, задачи и рокови за просперитет, одржливост и правичност 

Самит на ЕУ: Утврдени јасни цели, задачи и рокови за просперитет, одржливост и правичност 

Брисел, 21 март 2025 (МИА) - Штотуку го завршивме продуктивниот Европски самит на кој главно се фокусиравме на нашата економска агенда, затоа што тоа е основата на просперитетот на Европа и на нашите граѓани, порача претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на прес-конференцијата по завршувањето на мартовскиот Самит на ЕУ посветен на конкурентноста, случувањата во Украина и одбраната на Европа.   

- Сите земји членки, без исклучок, се согласуваат дека треба да ја забрзаме нашата економска агенда. И тоа е она што го направи Европскиот совет со донесување важни одлуки во три клучни области: намалување на непотребната бирократија, овозможување подостапна енергија за граѓаните и компаниите и претворање на заштедите во продуктивни инвестиции, изјави Кошта на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. 

Како што јави допсиникот на МИА од Брисел, Кошта нагласи дека на средбата европските лидери се договориле за јасни цели, јасни задачи и јасни временски рокови.  

- Преку намалување на бирократијата за 25 отсто за сите компании и 35 проценти за малите и средните претпријатија ќе им олесниме на сите компании во нашиот економски простор. Преку мерки за намалување на цените на енергијата им помагаме на компаниите да бидат поконкурентни. Преку интеграцијата на нашите финансиски пазари, бизнисите и граѓаните ќе добијат средства за иновативни компании, рече Кошта. 

Тој нагласи дека однесувањето како се да е нормална повеќе не е опција, па затоа секоја година околу 300 милијарди евра заштеди на семејствата на ЕУ ќе излегуваат на пазарите на Европската Унија и ќе се користат за финансирање на бизнисот. 

- Нашите цели се јасни. Да создадеме повеќе работни места, повеќе квалитетни работни места, да се зајакнат основните индустрии, како автомобилскиот, челикот и металскиот сектор и да се осигураме дека Европа останува континент на иновации и технолошка динамика, истакна Кошта. 

Според него, сите овие напори треба да се реализираат во насока на остварување на договорените климатските цели, бидејќи ако работите се постават правилно конкурентноста и одржливоста се целосно компатибилни. 

- Одржливата економија е и социјално правична економија, која никого не остава на страна. Затоа го потврдивме нашиот европски социјален модел и важноста на Европскиот столб за социјални права. Накратко: просперитет – одржливост – правичност. За сето ова има предизвици, но и многу можности. За сето ова, Европа носи одлуки и оди напред, додаде Кошта. 

Фон дер Лајен, пак нагласи дека овој „многу продуктивен состанок“, таа ги презентирала Компасот за конкурентност и Договорот за чиста индустрија и со лидерите разговарале за енергијата, омнибусите за поедноставувањето и за Унијата за штедење и инвестиции.  

- Принципот тука е дека многу јасно се држиме до нашите цели, на пример, остварувањето на климатска неутралност до 2050 година, но ја придружуваме и индустријата на патот кон тие целите, за да видиме како можеме да се прилагодиме и да бидеме флексибилни и подобри. Ова е огромна трансформација што ја доживуваат секторите и затоа ова е патување на кое сме заедно, рече Фон дер Лајен. 

Таа додаде дека пред лидерите ја претставила и Белата книга за иднината на европската одбрана и тоа било многу добро да разговараат и за конкурентноста и за одбраната како „две страни на ист медал“.  

- Ако до пред неколку недели имаше сомнежи за тој факт, денес не остана ниту еден. Пред две недели, на Европскиот совет постигнавме историски договор да ги зголемиме нашите одбранбени капацитети и нашите трошоци за одбрана и тоа да го направиме заедно и денеска го претставивме планот „Подготвеност 2030“. Со други зборови, се договоривме како да го реализираме трошењето, рече Фон дер Лајен. 

Таа потенцира дека со овие мерки на земјите членки ќе им се овозможи да инвестираат повеќе во сопствената безбедност со зголемување на трошоците за одбрана без да се соочат со санкции за прекумерен дефицит, а дополнително со нов инструмент „Безбедносна акција за Европа“ (Сејф) ќе се овозможат заеднички одбранбени набавки и соработка. 

- Значи, сакаме да трошиме повеќе заедно, сакаме да трошиме подобро и сакаме да трошиме повеќе европски. Станува збор за финансирање на оваа заедничка набавка од европската индустрија до 150 милијарди евра заеми за земјите членки за одбранбени инвестиции, истакна претседателката на ЕК. 

Фон дер Лајен додаде и дека во заедничките набавки преку инструментот Сејф ќе можат да учествува и Украина и нејзината одбранбена индустрија, како и земјите партнери на Унијата. 

- Затоа што безбедноста на Украина, не е само безбедност на Европската Унија, туку и безбедност на цела Европа, рече Фон дер Лајен. 

На прашање за американските царини и најавите од Вашингтон за „контрацарини“ на мерките со кои одговори ЕУ на нив, Фон дер Лајен потенцира дека Унијата во принцип е против царините, смета дека тие се како даноци и дека без дилеми тие се лоши и за потрошувачите и бизнисот од двете страни на Атлантикот.  

Таа додаде дека ЕУ води „активна дискусија“ со Американската администрација околу ова прашање, потенцирајќи дека мерките со кои одговори Унијата се адекватен одговор на одлуката за воведување на царини, се со цел да се заштитат интересите на европските производители, извозници и потрошувачи и да се минимизира потенцијално негативно влијание од нив врз економијата на Унијата. сп/ 

Фото: ЕБС 

QËNDRONI TË LIDHUR