САД оценуваат дека Стивен Хабард е неправедно задржан во Русија
- -САД ќе продолжат да работат на ослободувањето на Хабард и сите други Американци кои се неправедно задржани во Русија, соопшти Стејт департментот, пренесe Гласот на Америка.
Вашингтон, 4 февруари 2025 (МИА) - Русија веднаш да го ослободи Стивен Хабард бидејќи е утврдено дека тој е неправедно задржан, односно не требало да биде заробен или испратен во затвор во Русија, соопшти Стејт департментот.
-САД ќе продолжат да работат на ослободувањето на Хабард и сите други Американци кои се неправедно задржани во Русија, соопшти Стејт департментот, пренесe Гласот на Америка.
Лани во октомври, московски суд го осуди 72-годишниот Американец, Стивен Хабард, на шест години и 10 месеци затвор, прогласувајќи го за виновен за учество во борбени дејствија како платеник на страната на Украина. Тој живеел во Украина од 2014 година.
Сестрата на Хабард во САД изјави дека не верува дека брат ѝ работел како платеник и дека тој бил натеран да го признае тоа под принуда. Таа изјави дека Хабард во Украина работел како учител по англиски јазик.
Американските граѓани неправедно задржани во странство обично бараат Стејт департментот да им додели статус на неправедно задржани. Откако ќе го добијат тој статус, надворешнополитичкиот орган на САД и други државни агенции развиваат стратегија за ослободување на притворените лица. кб/