Млади пијанисти од 11 држави ќе се натпреваруваат на меѓународниот натпревар „Пијано клавиш“ во Скопје
- Второто издание на Меѓународниот натпревар „Пијано клавиш“, единствен од ваков вид, посветен на пијаното, ќе биде одржан денеска и утре во Салон 19:19 во Скопје.
- Post By Сашо Арсовски
- 08:00, 13 dhjetor, 2025
Скопје, 13 декември 2025 (МИА) - Второто издание на Меѓународниот натпревар „Пијано клавиш“, единствен од ваков вид, посветен на пијаното, ќе биде одржан денеска и утре во Салон 19:19 во Скопје.
Ќе се натпреваруваат 145 пијанисти од 11 држави. Натпреварот е организиран во четири дисциплини, поделени во 10 возрасни категории, сопшти Здружението за промоција и развој на културата „Piano Key“.
Во комисијата за оценување на пијанистите од основните училишта се м-р Катерина Ќетковиќ Фидановска и м-р Колос Цури, професори по пијано од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, м-р Светлана Димитриевска, раководител на одделот за пијано во ова училиште, како и д-р Ема Попивода, актуелна директорка на македонскиот Културно информативен центар во Тирана и професорка на Музичката академија во Штип.
Настапите на учениците од средните училишта ќе ги оценува комисија во состав: Весна Кршиќ, професорка од Факултетот за музичка уметност во Белград, проф. д-р Елена Атанасовска – Ивановска, раководител на Катедрата по пијано при Факултетот за музичка уметност од Скопје и м-р Катерина Ќетковиќ Фидановска.
Настапите во онлајн-категоријата ќе ги оценува меѓународна комисија составена од Илинка Манова, истакната македонска пијанистка и професор по пијано во Њујорк, Франческа Видал, професорка по пијано во Музичката школа во Венеција и Данијел Ото, професор по пијано во едно од најдобрите музички училишта во Хрватска „Музичка школа Вараждин“, во која е раководител на Одделот по пијано.
Организаторите, Ема Попивода и Светлана Димитриевска, истакнуваат дека во комисиите се вклучени врвни имиња од пијанистичкиот свет кои младите таленти ќе ги следат и оценуваат на највисоко професионално ниво. Целта на натпреварот е поттикнување на младите пијанисти и нивна промоција пред значајни педагози.
Добитниците на специјалната прва награда во секоја категорија, како и избрани учесници, ќе добијат покана за настап на Завршниот гала-концерт во Скопје, кој ќе се одржи во Камерната сала на Македонската филхармонија.
Апсолутните победници и специјално наградените учесници ќе добијат медал на церемонијата на доделување награди за време на завршниот гала-концерт.
Жирито ќе додели и специјални награди во соработка со Сојузот на композиторите на Македонија, Културно-информативниот центар во Тирана и Амбасадите на Австрија и Јапонија во Македонија, и тоа: Награда за најдобра изведба на дело од македонски композитор; Награда за најдобра изведба на дело од австриски композитор; Награда за најдобра изведба на дело од јапонски композитор.
Во рамки на меѓународниот натпревар прв пат во Македонија се избира и млад пијанист за 2025 година. Членови на оценувачката комисија за овој избор се Симон Трпчески, истакнатиот македонски пијанист, проф. д-р Елена Атанасовска Ивановска и м-р Катерина Ќетковиќ Фидановска. Изборот на Млад пијанист на годината во Македонија е поделен според возраста во следните категории: родени 2015 и помлади; родени 2010-2014 година; родени 2007-2013 година.са/
Фото: Здружение за промоција и развој на културата „Piano Key“