• e mërkurë, 13 nëntor 2024

Руте: Поголемите трошоци за одбрана ги намалуваат ризиците од конфликт 

Руте: Поголемите трошоци за одбрана ги намалуваат ризиците од конфликт 

Брисел, 12 ноември 2024 (МИА) - Колку повеќе трошиме на одбраната, толку повеќе го намалуваме ризикот од иден конфликт, порача денеска генералниот секретар на НАТО, Марк Руте од Париз каде се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон. 

Како што соопшти НАТО, на средбата станало збор за потребата да се засили поддршката за Украина, да се зголеми одбранбеното производство и да се зајакне трансатлантската одбранбена индустриска соработка. 

- За време на неговата прва официјална посета на Париз по преземањето на функцијата, генералниот секретар ја истакна важноста на големиот воен потенцијал и оспособеност Вооружени сили на Франција за колективната безбедност на Алијансата, се наведува во соопштението. 

Макрон и Руте разговарале и за потребата од зголемување на инвестициите во одбраната и од силна трансатлантска соработка за обезбедување трајна безбедност на Алијансата. 

Руте и Макрон се согласиле за потребата од поголема поддршка за Украина пред претстојната зима во услови кога нејзината енергетска инфраструктура е цел на „немилосрдни“ руски напади, а генералниот секретар на НАТО ја поздравил одлуката на Франција за обука и опремување на една цела украинска бригада, како и ветувањето на Париз да му испрати на Киев борбени авиони „Мираж“ на почетокот на следната година. 

- Франција испорача напредни артилериски орудија, системи за противвоздушна одбрана, крстосувачки ракети и оклопни возила, додаде Руте. 

Тој изразил загриженост поради „продлабочувањето на воените врски“ меѓу Русија, Кина, Иран и Северна Кореја, што, според него, претставува закана за европската безбедност и глобалниот мир. 

Пред средбата со Макрон, генералниот секретар на НАТО ја посети францускиот военоиндустриски комплекс „Талес Груп“, каде имаше средба со талентирани млади луѓе и со инженери кои работата на развој на врвни капацитети за потребите на сојузниците од НАТО. сп/

Фото: НАТО

QËNDRONI TË LIDHUR