Ренци: Попусто потрошени една милијарда евра за прифатните центри во Албанија
- Италијанскиот сенатор и поранешен премиер Матео Ренци беше во посета на прифатните центри за мигранти во Шнѓин и Ѓадер, Албанија.

Тирана, 27 март 2025 (МИА) - Италијанскиот сенатор и поранешен премиер Матео Ренци беше во посета на прифатните центри за мигранти во Шнѓин и Ѓадер, Албанија.
По обиколката изјави дека „создавањето на камповите е пропаганда на премиерката Џорџа Мелони", додавајќи дека „Италија попусто потрошила околу една милијарда евра инвестиции за изградба на камповите кои можеле да се искористат за пензии и зголемување на платите".
- Ова нема никаква врска со политичкото лево или десно крило. Ги гледам буџетските прашања, овде италијанската држава изгуби речиси една милијарда евра од буџетот на Италијанците. Мислам дека овие пари можеше да се потрошат за пензии и плати. Парите се изгубени а тие им припаѓаат на италијанските граѓани. Ова е мое мислење, рече Ренци.
Тој додаде дека „она што се артикулира во Италија се лажни вести, а ова што се гледа е реалноста".
Албанија и Италија потпишаа договор за прифаќање мигранти во центрите на 6 ноември 2023 и беше најавено дека ќе профункционираат во мај минатата година.
По неколкуте одложувања, првата група од 16 мигранти пристигна во септември, но беа вратени назад по одлуката на италијански суд. Тоа се случи уште во два наврати.
Со центрите што се изградени во округот Лежа управуваат италијанските власти.
Тие се празни, зашто во Италија се вратија и поголемиот број од полицајците кои ги обезбедуваа, како и другите служби. вт/паг/