• e martë, 17 dhjetor 2024

Протест на родители пред ООУ „Љупен Лапе“ во Аеродром, бараат да се реши проблемот со небезбедната крстосница

Протест на родители пред ООУ „Љупен Лапе“ во Аеродром, бараат да се реши проблемот со небезбедната крстосница

Скопје, 17 декември 2024 (МИА) - Родители на ученици од ООУ „Љубен Лапе“ и жители на Аеродром утрово одржаа мирен протест пред училиштето со барање да се реши проблемот со небезбедната крстосница на улиците „Васко Каранѓелески“ и „Коста Новаковиќ“. Тие велат дека е сериозно загрозена безбедноста на учениците, родителите, жителите во оваа област, но и на останатите учесници во сообраќајот. 

Поради големиот број сообраќајни незгоди на улицата „Васко Карангелески“, во близина на ООУ „Љубен Лапе“, заради постојниот сообраќаен режим и изведбата на сообраќајницата, Советот на родители во повеќе наврати реагирал до надлежните власти и институции да се реши проблемот, но сѐ уште нема разрешница за безбедно користење на оваа улица.

Советот на родители апелира и бара релевантните и надлежни институции да донесат одржливо решение за овој проблем и да преземат мерки за зачувување на безбедноста на учениците, а и на сите учесници вклучени во сообраќајот на оваа улица.

Директорката на училиштето Фоника Станоева, изјави дека стои зад родителите во нивното барање, бидејќи, вели, секогаш е во интерес на децата, родителите и на сите вработени во училиштето.

-Во моментов ја гледате состојбата на раскрсницата, колку е сето ова небезбедно. Не смееме да дозволиме да се случи нешто на некое дете, па дури потоа да реагираме. Апелирам до сите институции и до Град Скопје во најбрз можен рок да го решат овој проблем. Решение има, само треба сето тоа да се забрза. Досега можеа да постават семафори овде затоа што децата поминуваат од сите страни, а освен одбележување, еве гледате немаме на кој начин да ги поминеме улиците, изјави Станоева за МИА.

Истакна дека како директор неколку пати таа и Советот на родители, како и Училишниот одбор се имаат обратено до Град Скопје, меѓутоа она што досега го добиле како повратен одговор е дека од Град Скопје се во тек со состојбата, и ништо повеќе.

Ана Филипчева претседател на Советот на родители истакна дека бараат трајно одржливо решение за безбедно решение за безбедна употреба на крстосницата.

-Проблемот перзистира со години, Советот на родители одамна има донесено одлука за мирен протест, меѓутоа го одложувавме затоа што се надевавме дека ќе има наскоро решение - решение нема. Апелиравме до сите надлежни институции во изминативе години, немаме добиено повратен одговор и како родители и како членови на Совет, меѓутоа ќе видиме во иднина што ќе се случи, ова е крајно небезбедна улица за поминување, изјави Филипчева за МИА.

Вели дека и покрај тоа што на оваа крстосница има објекти од витално значење, како АРМ, МВР и самото училиште каде што има 1400 ученици, да се помине оваа крстосница во раните утрински часови е вистинска уметност. 

Градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески истакна дека реагирале до Град Скопје со барање да се реши проблемот со небезбедната крстосница. нд/лв/

Фото: МИА

 

 

GJITHASHTU MUND TË Pëlqejë

QËNDRONI TË LIDHUR