Протести во повеќе американски градови поради вербалниот судир во Белата куќа
- Во повеќе американски градови вчера се одржаа протести иницирани од вербалниот судир и прекинатата средба помеѓу американскиот претседател и потпретседател, Доналд Трамп и Џеј Ди Венс и претседателот на Украина, Володимир Зеленски
- Post By Марина Илиевска
- 14:47, 2 mars, 2025

Вашингтон, 2 март 2025 (МИА) – Во повеќе американски градови вчера се одржаа протести иницирани од вербалниот судир и прекинатата средба помеѓу американскиот претседател и потпретседател, Доналд Трамп и Џеј Ди Венс и претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Стотици демонстранти се собраа во Вејтсфилд, Вермонт, каде Венс е на скијање со своето семејство. Иако протестот бил планиран на почетокот на следната недела, организаторите наведоа дека голем број луѓе одлучиле да дојдат откако го виделе однесувањето на Трамп и на Венс во Белата куќа.
Демонстрантите носеа транспаренти „Вермонт е со Украина“ и „Меѓународен срам“ и вееја украински знамиња.
Протести беа организирани и во други американски градови, вклучително и Њујорк, Лос Анџелес и Бостон, каде стотици луѓе излегоа на улиците во знак на поддршка на Украина и Зеленски.
Во округот Лос Анџелес демонстрантите се собраа пред зградата на „Спејс Икс“ (SpaceX), додека во Бостон организираа „итен митинг“ под слоганот „само мир за Украина“.
Протести имаше и пред продажниот центар на Тесла автомобилите, чиј сопственик е Илон Маск, при што се приведени девет лица,
Демонстрантите во Њујорк се изјаснија против масовните отпуштања на американските државни службеници по наредба на Одделението за владина ефикасност (ДОГЕ), за што претходно беше задолжен Маск.
Протестите под мотото „Да го собориме Тесла“ се одржаа и во Џексонвил, Флорида, во Тусон, Аризона, како и во други американски градови. Демонстрантите го блокираа сообраќајот на булеварите во реонот на изложбените центри, извикувајќи „Нема диктатори во САД“ и „Спасете ја демократијата“. ми/
фото: Икс